Спектакуларен крај на прославите за Платинестиот јубилеј – настанот чинел 18 милиони долари, Меган и Хари не беа присутни
- Детали
- недела, 05 јуни 2022
Со парада за чија организација биле одвоени 18 милиони долари, завршија прославите по повод 70-тата годишнина на тронот на кралицата Елизабета. Иако се во Англија, Меган и Хари не беа дел од големиот настан.
Денес завршуваат прославите по повод Платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета, а главниот настан во Лондон беше навистина спектакуларен.
Низ цела Англија се одржале илјадници прослави во чест на кралицата, додека во Лондон беше организирана голема парада која траеше повеќе од два часа. Според британските медиуми, во парадата учествувале 10.000 луѓе, а за организацијата на целиот настан биле потрошени речиси 18 милиони долари.
Вилијам, Кејт и нивните деца ја следеа парадата заедно со другите членови од кралското семејство, но помеѓу присутните не беа забележани Меган и Хари.
Покрај бројните точки за време на парадата, можеби најинтересен беше холограмот од кралицата „сместен“ во кочија.
Дел од парадата беа и неколку автомобили од култните филмови за Џејмс Бонд – еден од најпопуларните фиктивни ликови од Англија.
Кралицата го следеше настанот од палатата поради проблемите со здравјето, а до самиот крај не се знаеше ни дали ќе се појави на балконот од Бакингемската палата.
Сепак, по завршувањето на парадата, кралицата ги израдува присутните и застана на балконот заедно со Чарлс, Камила, Вилијам, Кејт и нивните деца.
Хари и Меган и овојпат беа изоставени.
Повеќе фотки од прославата:
Спирова С. | Црнобело