Хирург од Индија со срце планина – овозможил бесплатна операција за 35.000 дечиња родени со расцеп на устата и непцето
- Детали
- четврток, 09 декември 2021
Пластичниот хирург Субод од Индија почнал да прави бесплатни операции за дечиња родени со расцеп на устата и непцето. Со текот на времето, станал дел од добротворна организација и почнал да обучува други хирурзи, па до денес тој и неговиот тим имаат направено над 35.000 бесплатни операции.
Субод Кумар Синг е пластичен хирург од Индија кој им има помогнато на илјадници дечиња родени со расцеп на устата и непцето.
Субод имал многу тешко детство, но со помошта на неговите браќа успеал да заврши медицински факултет.
Бидејќи самиот е добро запознаeн со сиромаштијата, лекарот-херој решил да им помогне на дечињата од сиромашни семејства кои се родиле со оваа состојба така што им прави бесплатни операции.
Субод го изгубил неговиот татко кога имал само 13 години, а по неговата смрт, неговото семејство западнало во тешка финансиска криза.
Обидувајќи се да го прехранат семејството, браќата на Субод се откажале од образованието и почнале да работат. Субод, пак, почнал да прави свеќи и сапуни што ги продавал по локалните продавници и на улица.
Неговите браќа не дозволиле и Субод да ја изгуби можноста за подобар живот, па дале сè од себе за да му помогнат да се образува – тие му биле огромна поддршка, и морална и финансиска, кога тој решил да се запише на медицински факултет.
Сепак, иако ја имал помошта од браќата, Субод морал и да работи. Истовремено, често се грижел за неговата мајка која речиси постојано била болна.
По завршувањето на студиите, Субод отворил мала болница, и тоа во чест на татко му, а токму овде почнал да ги прави бесплатните операции.
На секоја годишнина од смртта на татко му, Субод правел бесплатни операции на дечиња родени со расцеп на устата.
„Во секое детенце кое доаѓаше кај мене, го гледав малиот Субод кој го изгуби татко му кога имаше 13 години. Татко ми и мајка ми ме научија да им служам на сиромашните и да живеам праведен живот. Сметам дека Бог ме направи пластичен хирург, а не бизнисмен, за да можам да направам нешто прекрасно“, вели лекарот.
„Моето детство ми ја даде силата да станам отпорен и да почнам да ги разбирам луѓето кои секојдневно се соочуваат со предизвици. Тешкотиите ми помогнаа да ги перципирам нивните емоции и да се поврзам со нив. Кога станав лекар дојдов до позиција од којашто можам да им помогнам на многумина. Сакам да ги направам животите на помалку среќните луѓе подобри“.
Дарежливоста на Субод стигнала и до најголемата добротворна организација која им помага на лица родени со расцеп на устата и непцето – Smile Train – па во 2004 година лекарот ѝ се придружил.
Со помошта од организација, во неговата болница биле направени над 2.500 бесплатни операции во период од само една година.
Со текот на времето, Субод почнал да обучува други хирурзи да ја извршуваат оваа операција, а направил и програма со цел да им помогне на што е можно повеќе дечиња.
Благодарение на овие напори, над 37.000 деца добиле бесплатни операции од тимот во неговата болница.
Со операциите Субод не само што им го решава здравствениот проблем на децата, туку им помага да си ја вратат самодовербата и да си го променат животот на подобро.
„Расцепот на устата и непцето е како социјален проблем – не влијае само врз пациентот, туку врз целото негово семејство. Важно е општеството да сфати дека ова е здравствен проблем, а не клетва, и дека може да се реши бесплатно во болници како нашата“, вели лекарот.
Спирова С. | Црнобело