Исповед на полицајка: „На работа одам со шминка, добивам навреди дека сум стриптизета во униформа“
- Детали
- вторник, 02 ноември 2021
„Велат дека сум стриптизета во униформа“ - Никола Тарнер е полицајка која освен тоа што трпи навреди затоа што е жена полицајка, дополнително е и мета на критики затоа што на работа оди нашминкана.
Никола Тарнер (35) е полицајка во Англија и вели дека секое утро пред да ја облече униформата внимателно нанесува шминка на целото лице.
Таа задолжително нанесува бронзер, ги црта веѓите и става кармин, но признава дека често е жртва на навреди.
Никола живее заедно со нејзиниот партнер Лук (36) кој е градежен работник и со 7-годишната ќерка Вајолет, а вели дека никогаш не оди на работа без шминка.
Во интервју за The Sun таа вели:
„Мајка ми ме научи дека треба постојано да се грижам за сопствениот изглед, да бидам чиста, уредна и претставителна.
Јас сметам дека сум најубава кога носам шминка, затоа што сум посамоуверена и се чувствувам своја. Затоа секогаш одам на работа во такво издание.“
Но, како што вели, честопати се соочила со суровата вистина дека луѓето не го делат нејзиното мислење за изгледот и сметаат дека таа е премногу дотерана за да работи како полицајка.
„Секојпат кога ќе одам на фудбалски натпревар се соочувам со понижувачки коментари. Имаше еден инцидент кога 100-тина фудбалски навивачи пред еден паб почнаа да скандираат и да покажуваат во мене. Велеа дека сум стриптизета во униформа и се чувствував мошне пониженo.
Не дека, нешто особено ме навредија, но се срамев затоа што сите гледаа во мене и тоа не е единствениот пат кога ме нарекле ‘стриптизета’ на работното место“ – вели таа.
Никола вели дека често ѝ се случува за време на некои инциденти луѓето воопшто да не ѝ обрнуваат внимание и да бараат нејзин колега маж за да разговараат со него.
Освен мажите, за нејзиниот изглед честопати коментираат и жените и ѝ се потсмеваат затоа што со униформата редовно носи шминка.
„Според мене сè додека си ја завршуваш работата добро воопшто не е важно како изгледаш. Луѓето ми велат дека не личам на полицајка, но како треба да изгледа една полицајка?“ – прашува таа.
Инаку, Никола цели 13 години работи како полицајка, а вели дека тоа што најчесто луѓето ја потценуваат научила да го земе во сопствена корист.
„Никогаш нема да му кажете на лекарот од Брзата Помош дека има премногу шминка за да ви даде вештачко дишење. Јас сум подеднакво способна за да ги завршам сопствените работи како и моите машки колеги“ – вели таа.
Б. С. Б. | Црнобело