Жена од Мали родила девет здрави бебиња – и таа и лекарите очекувале „само“ седум (фото)
- Детали
- среда, 05 мај 2021
25-годишната Халима Цисе очекувала да роди седум деца, бидејќи така покажувале резултатите од ултразвукот. Но, на денот на породувањето и таа и лекарите останале без зборови. Младата мајка родила дури девет деца – пет девојчиња и четири момчиња.
Халима е млада жена од Мали која сега е горда мајка на девет бебиња. Во текот на бременоста, лекарите ѝ кажале дека носи седум дечиња, но на нивно големо изненадување, Халима родила девет.
Породувањето било направено со царски рез во Мароко. Наводно, кога властите во Мали дознале за нејзината бременост, биле загрижени дали во тамошните болници ќе можат да ѝ ја пружат соодветната нега. Па, се погрижиле таа да биде испратена во болница во Мароко.
Неверојатната приказна беше споделена и на официјалниот Фејсбук профил на Министерството за здравство во Мали, а според тамошниот министер за здравство, мајката и дечињата се во одлична состојба, и се очекува да се вратат дома за неколку недели.
Според објавата на Министерството, Халима престојувала во болница во Мали околу две недели, а на 30-ти март била префрлена во Мароко.
„Денес, 04.05.2021, Халима Цисе роди девет бебиња, наместо седум како што покажуваа резултатите од ултразвукот. Новороденчињата (пет девојчиња и четири момчиња) и нивната мајка се добро“, пишува во објавата во која Министерството им се заблагодарува на властите и медицинските лица во Мароко кои ја примиле Халима.
COMMUNIQUE DU MINISTERE DE LA SANTE ET DU DEVELOPPEMENT SOCIAL SUR L’ACCOUCHEMENT DE MADAME HALIMA CISSE La ministre...
Posted by Ministère de la Santé et du Développement Social on Tuesday, May 4, 2021
Инаку, ваквите случаи се вистинска реткост – одвреме-навреме се случува жена да роди седум здрави бебиња, но случајот на Халима е уште поредок. Обично во ваквите случаи телото на мајката е преоптоварено и дел од бебиња не можат да се развијат целосно.
За среќа, Халима и нејзините деца, кои моментално се во инкубатор, се во одлична состојба.
Спирова С. | Црнобело