Мајка ѝ ја избришала од тестаментот, за милијардите морала да се бори на суд - Факти за најбогатата жена во светот, Франсоа Бетанкур
- Детали
- сабота, 16 април 2022
За да го добие сопственото наследство тешко милијарди долари морала да оди на суд и да го отповика тестаментот што мајка ѝ го оставила и во кој сè му препишала на младиот близок пријател. Факти за најбогатата жена во светот.
Втора година по ред Франсоа Бетанкур Мејер е најбогата жена на светот според Forbes. Со богатство од околу 74.8 милијарди долари годинава таа е побогата за 1,2 милијарди долари и со тоа се најде на 14-то место на најбогати луѓе во светот.
Богатата наследничка на L’Oreal има 68 години, а на листата на најбогати луѓе во светот се најде за првпат во 2018-та година по смртта на нејзината мајка Лилиен Бетанкур, која почина во 2017-та година на возраст од 94 години .
Франсоа Бетанкур Мејер е француска милијардерка и наследничка. Позната е по тоа што е мошне религиозна и животот го води подалеку од очите на јавноста.
Таа е автор на повеќе текстови за Библијата и трудови за еврејско-христијанските релации, а особено внимание привлече во медиумите откако гo тужеше поранешниoт „пријател“ на мајка ѝ за коgo тврдеше дека изнудил голема сума пари од неа, па дури се обидел да ѝ го одземе и наследството.
Проследете неколку интересни факти за најбогатата жена во светот:
Основач на L’ Oreal е дедото на Франсоа - Ежен Шилер, за кого се врзуваа контроверзии затоа што наводно давал поддршка на нацистичките структури во Франција. Тој е татко на Лилиен Бетанкур, (мајката на Франсоа) која долго време важеше за најбогатата жена во светот.
Лилиен пред смртта боледуваше од Алцхајмерова болест и во 2012-тата се повлече од јавниот живот, а истата година се повлече и од управниот совет на L’Oreal и ги прекина сите улоги во компанијата.
Сопруг на Франсоа Бетанкур Мејер е Жан-Пјер Мејер, внук на еврејски рабин убиен во логорот во Аушвиц. По бракот Франсоа и Жан-Пјер одлучуваат да ги одгледаат децата како Евреи и да го прифатат јудеизмот како религија. Нејзиниот брак предизвика низа контроверзии поради нејзината семејна историја.
За Франсоа се знае дека е мошне религиозна личност и е многу повеќе позната по нејзината научна дејност, затоа што таа објавува трудови врзани за Грчката Митологија и јудејско-христијанските релации.
Исто така пишувала за Католичката Религија и Јудеизмот, за Племињата на Израел како и за семејното дрво на Адам и Ева.
Франсоа во последните години од животот на нејзината мајка Лилиен честопати беше застапена во медиумите заради отворените расправии и несогласувања.
Во 2007-мата година Франсоа поднесе тужба против фотографот Франсоа-Мари Бание поради злоупотреба на мајка ѝ, која, како што покажаа медицинските наоди страдала од деменција и Алцхајмерова болест.
Имено, Бание бил близок придружник на нејзината мајка. Лилен го опсипувала фотографот со подароци вредни милиони долари, а меѓу нив имало и уметнички дела на Пикасо и Матиз и други светски познати уметници. Лилиен дури и го назначила фотографот за единствен наследник – што било отповикано подоцна.
Судот пресудил во корист на Франсоа Бетанкур Мејер, а фотографот бил осуден на три години затвор и казна во износ од 170 милиони долари за обесштетување.
Лилиен била 25 години повозрасна од Франсоа-Мари, а освен тоа, за него се знае дека бил хомосексуалец, па се смета дека нивната врска била сосема платонска. Таа во 2008-ма година му напишала писмо каде стои:
„Со тебе сум како мајка и љубовница, а сите чувства поминуваат низ мене“.
Во 2019-тата година по пожарот што ја зафати „Богородичната црква“ во Париз, попозната како „Нотр Дам“, компанијата L’Oreal заедно со семејството Бетанкур Мејер и фондацијата Бетанкур Шилер, најавија донираа 226 милиони долари за поправки на црквата.
Франсоа има два сина кои исто така се во управниот одбор на L’Oreal.
Б. С. Б. | Црнобело