Имала 33 килограми, а сега е бодибилдер – 21-годишна девојка со вежбање ја победила булимијата
- Детали
- четврток, 01 април 2021
21-годишната Аликс Смол од Шкотска страдала од анорексија, а потоа и булимија, и во периодот кога состојбата ѝ била најлоша, избегнувала и гуми за џвакање плашејќи се од калориите. За среќа, Аликс успеала да го надмине нарушувањето и вели дека бодибилдингот буквално ѝ го спасил животот.
Аликс од Шкотска е млада бодибилдерка која имала сериозно нарушување во исхраната.
Нејзините проблеми почнале на 15-годишна возраст, кога почнала да се изгладнува. Набрзо таа драстично ослабела, а потоа развила анорексија и булимија.
Во тинејџерските години Аликс била гимнастичарка и скоро цел живот внимавала на исхраната.
„Бев гимнастичарка и отсекогаш бев строга кон себе, особено кога станува збор за исхраната и мојата тежина. Но нештата беа колку-толку добри сè додека не наполнив 15 години. Прво бев пациент со анорексија, а кога успеав да качам некој килограм, ми се појави булимија.
Сè започна со диета за која мислев дека е здрава, но со текот на времето јадев помалку и помалку, за на крај да има денови кога не ставав ни залак во уста.
Мајка ми ме тераше да појадувам, но појадокот најчесто беше парче двопек од 50 калории, кое обично го криев, а не го јадев.
Тој период станав опседната со џогирање, па го прескокнував ручекот и трчав додека не паднев од замор. Кога се враќав дома бев толку преморена, што само си легнував“, раскажува Аликс.
Нејзината состојба само се влошувала и после некое време таа била толку исплашена од калории, што избегнувала и гуми за џвакање.
„Почнав често да губам свест, не можев да застанам на нозе и тогаш решив да побарам помош. Кога се случуваше ова веќе престанав со гимнастика и само се обидував да закрепнам“.
Но штом се поправила, Аликс почнала да страда од булимија.
„Го повраќав секој оброк и имав екстремно мала тежина. Страдав од булимија до 18-иот роденден“, открива Аликс.
После три години водење битка со нарушувањето во исхраната, Аликс решила да оди во теретана. Таму запознала пријател кој почнал да ѝ зборува за бодибилдинг, а младата девојка веднаш се вљубила во спортот.
Аликс вели дека бодибилдингот буквално ѝ го спасил животот. Таа почнала да јаде повеќе, се фокусирала на вежбањето и самата се натерала да го надмине нарушувањето во исхраната.
„Почнав да тренирам бидејќи отсекогаш сум спортувала, па ми недостасуваше нешто во животот. Се вљубив во бодибилдингот и си реков дека ќе го дадам најдоброто од себе за да станам успешна во тој спорт“.
„Си поставив цел да станам бодибилдер, а ова ми помогна да ги надминам проблемите со исхраната. Ми се чини како да се променив преку ноќ. Нормално, уште трпам некои последици и уште имам лоши денови, но не се ни споредуваат со претходно“.
Кога била најслаба, Аликс имала само 33 килограми, но со напорно вежбање и добра исхрана, успеала да се поправи и сега има 77.
„Ја дуплирав тежината и ја најдов силата во мене. Бев доволно среќна што имав домашна теретана во гаражата, па можев да вежбам кога сакам“.
Денес Аликс има 12.000 следбеници на Инстаграм и речиси 70.000 следбеници на ТикТок, каде редовно споделува фотки и видеа од тренинзите и гордо го покажува мускулестото тело.
Аликс редовно се соочува со негативни и навредливи коментари, но вели дека не ѝ е грижа. Наводно, нејзе ѝ било јасно дека за многу луѓе е чудно да гледаат жена бодибилдер, но за неа е многу поважно да биде здрава и да се чувствува добро во своето тело.
Истовремено, таа сака да ги инспирира другите кои имаат некакво нарушување во исхраната и да им докаже дека секогаш има надеж.