„Имајте убав живот, ќе се видиме наскоро“ - Последно заминување на Доналд и Меланија Трамп од Белата куќа
- Детали
- среда, 20 јануари 2021
Инаугурацијата на Бајден се одржува денес, а Доналд Трамп ја напушти Белата куќа за последен пат и на своја церемонија одржа краток говор заедно со Меланија.
Наместо да присуствуваат на инаугурацијата на Џо Бајден, Доналд и Меланија Трамп одлетуваат за Флорида, пред тој да стапне во Белата куќа, со што ќе ја прескокнат традицијата за поздравување и пречекување на новиот претседател и прва дама.
Доналд и Меланија ја напуштија Белата куќа за последен пат по 4-годишниот мандат и со Marine One хеликоптерот заминаа во базата во Мериленд, каде се одржа церемонија, пред одлетувањето со Air Force One кон Флорида, каде ќе се пензионира.
На церемонијата, американската армија го пречека и отпоздрави Трамп, а тој и Меланија одржаа и краток говор пред заминувањето.
„И ние ве сакаме вас. Ова беа неверојатни 4 години, постигнавме многу, му се заблагодараувам на цело семејство, на пријателите, на персоналот и на многу други луѓе што беа тука, за трудот. Луѓето немаат поим колку напорно ова семејство работеше, работеа за вас. Можеа да имаат полесен живот, но завршија фантастична работа, им благодарам на сите. Беше многу посебно. Постигнавме многу, нашата прва дама е жена со голема грациозност, убавина и достоинство. И многу популарна кај луѓето. Всушност, душо би сакала ли да кажеш неколку зборови...“ – го започна Доналд говорот.
Меланија Трамп, облечена во елегантен, црн аутфит и со собрана коса, за последен пат ѝ се обрати на нацијата како прва дама:
„Да бидам ваша прва дама ми беше најголема чест. Ви благодарам на љубовта и поддршката. Ќе бидете во моите мисли и молитви. Господ да ве благослави, вас и вашите семејства. И Господ да ја благослови оваа прекрасна нација!“ – изјави Меланија во последниот говор како прва дама.
Доналд продолжи со својот говор потсетувајќи на неколку достигнувања во неговата администрација и предизвиците низ кои поминале.
„Вие сте прекрасни луѓе, ова е голема земја, најголема чест ми е што ви бев претседател. Секогаш ќе се борам за вас, ќе слушам, ќе гледам и ќе ви кажам дека иднината на оваа земја никогаш не била подобра. На новата адмнистрација ѝ посакувам среќа и успех. Поставивме добри темели за нивниот успех. Ве сакаме, ќе се вратиме во некоја форма и повторно, се заблагодарувам на сите луѓе со кои работевме. Имајте убав живот, ќе се видиме наскоро!“ - го заврши својот говор Доналд додека поддржувачите извикуваа „ти благодариме Трамп“.
По завршувањето на говорот, парот заедно со семејството влезе во авионот и замина за Флорида.
Трамп е првиот претседател во модерна историја, кој ја бојкотира инаугурацијата на својот наследник, до последен момент верувајќи дека победата од Џо Бајден на изборите му е украдена.
Следете ја во живо инаугурацијата (напуштањето на Белата куќа почнува од 1 час и 25 минути):
М. М. | Црнобело