Велика Британија е првата земја што ја одобри вакцината против ковид-19 на Pfizer – следната недела почнуваат со вакцинирање
- Детали
- среда, 02 декември 2020
Откако беше објавено дека вакцината на Pfizer/BioNTech нуди 95% ефикасност и заштита против ковид-19, Велика Британија ги прифати препораките, ја одобри вакцината и објавија дека од следната недела ќе започнат со вакцинирање.
Велика Британија е првата земја во светот која ја одобри вакцината против ковид-19 направена од фармацевтските компании Pfizer и BioNTech.
Според BBC, нарачани се 40 милиони дози, кои се доволни за вакцинација на 20 милиони луѓе, а процесот на имунизација ќе започне за неколку дена, прво кај оние на кои им е најпотребна вакцина, како старите луѓе во домовите за стари лица.
Ова е најбрзата вакцина која за толку кратко време стигна од концепт до фаза на реализација, односно беа потребни само 10 месеци за сите фази, кои вообичаено траат и по неколку години до една деценија.
Премиерот Борис Џонсон напиша: „Заштитата на вакцината ќе ни овозможи да си ги вратиме животите и да ја раздвижиме економијата повторно.“
https://twitter.com/BorisJohnson/status/1334052433807482881
Министерот за здравство пак, изјави дека верува дека овие добри вести ќе овозможат од пролет понатаму да може да се ужива во животот повторно, а дека граѓаните на Велика Британија ќе бидат известени кога ќе дојде нивниот ред за вакцинација.
Тие се подготвуваат за вакцинациска кампања со најголеми размери во историјата на земјата, но иако вакцинирањето набрзо ќе започне, британските власти нагласуваат дека луѓето уште треба да ги почитуваат мерките за да се спречи ширењето на заразата.
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com