Нов Зеланд најдобро се справува со корона вирусот: 1.200 заразени, само 1 починат и 300 оздравени – што прават поинаку од другите?
- Детали
- четврток, 09 април 2020
Нов Зеланд досега (09.04.2020) брои 1.239 заразени лица со корона вирусот и само 1 починат пациент, а 317 луѓе веќе оздравеле од заболувањето.
Според овие статистики тоа ја прави најуспешната земја во борбата против корона вирусот. Која е тајната? Двете одлуки кои се донесени и спроведени многу брзо – затворање на границите и воведувањето на карантин.
Карантинот во Нов Зеланд подразбира дека граѓаните ќе го прават само она што е најнеопходно, можат да се шетаат и да возат велосипеди, но само во рамките на својата населба и со соодветно растојание од други луѓе. Во продавниците сите се оддалечени најмалку 1 метар еден од друг и влегуваат исклучиво еден по еден.
Училиштата се затворени, одењето на плажа е забрането, а на граѓаните им е препорачано да не прават ништо што ќе ги оптовари здравствените и итните служби.
Строгите мерки кои ги воведе премиерката Џасинда Ардерн покажале резултат уште во првите 2 недели, бидејќи граѓаните ги почитувале.
Бројот на новозаболени лица е во опаѓање, иако е зголемен бројот на тестирања, а во последниве неколку дена се бележи сè поголем број на оздравени лица отколку заразени во текот на 24 часа.
Досега починал само 1 пациент, постара жена која имала и други потешки здравствени проблеми, а четворица се во сериозна состојба.
Меѓутоа премиерката не отстапува од цврстите мерки, иако се можни мали отстапки од истите за време на велигденските празници.
Нејзината намера е да спроведе 4-неделен карантин, односно 2 пати по 14 дена инкубација, пред да ги опушти малку мерките за населението. Сепак таа доби поддршка за ова не само од народот, туку и од опозицијата и многумина други.
Таа била шокирана кога на еден од аеродромите во Нов Зеланд не ѝ ја измериле температурата, туку добила само упатство да остане 14 дена во домашна изолација.
Набргу следувало затворање на границите, а премиерката предложила план за борба против епидемијата во 4 фази, од кои последната бил целосниот карантин. Меѓутоа по консултацијата, Владата сепак донела решение за општ карантин.
На граѓаните им било соопштено дека имаат 48 часа да се подготват и да останат дома, освен доколку не се вработени во здравствениот сектор или полицијата.
Исто така, дозволена им е рекреација на граѓаните, но во непосредна близина на домот и одржување на растојание, а свеста на луѓето е на високо ниво.
Само неколку часови пред почетокот на карантинот на сите граѓани им стигнала СМС-порака „Однесувајте се како сите да имате КОВИД-19, тоа ќе спаси многу животи“.
Оние кои не ги почитувале мерките биле опоменати од страна на полицијата, а имало и неколку инциденти како на пример кога министерот за здравство отишол на плажа да вози велосипед, а потоа сам за себе изјавил дека е „идиот“ и се извинил.
Се чини дека строгите мерки во Нов Зеланд имаат ефект, затоа што заболувањата се намалуваат од ден во ден, а нема ниту локално пренесување на вирусот.
(О)Милена | Црнобело