Позитива на денот: Коалите спасени од пожарите во Австралија се враќаат во дивината (фото)
- Детали
- среда, 08 април 2020
Непрофитната организација Science for Wildlife соопшти дека спасените коали почнуваат да се враќаат во дивината.
Кон крајот на март, 12 коали биле вратени во своите природни живеалишта. Од декември минатата година, животните престојуваа во зоолошката Таронга во Сиднеј, откако беа спасени од пожарите што го опустошија континентот.
Ослободувањето на коалите е самo првиот чекор од проектот за обновување и населување на местата кои настрадаа од пожарот.
„Бевме зафатени со проверување на областа од каде што ги спасивме. Состојбата се подобри и има доволно дрвја што можат да ги поддржуваат коалите. Дождовите помогнаа многу и има многу нови растенија што тие можат да ги јадат, па сега е вистинското време да ги пуштиме“, велат од организацијата.
Спасените коали имаат вградено и GPS уреди, со кои спасувачите ќе можат да ги следат. На овој начин, од организацијата ќе можат да најдат и групи коали кои го преживеале пожарот, а останале во дивината.
Се претпоставува дека во пожарите загинале околу 10.000 коали. Бидејќи на видот му се заканува истребување, властите и организациите како Science for Wildlife направија сè што можат за да ги спасат. Дури и тинејџерите низ Австралија спасуваа коали и ги носеа кај ветеринарите.
Очигледно, целиот труд се исплатеше и, иако од организацијата велат дека има уште многу работа, ова е успех што не треба да се занемари.
Од организацијата велат дека ќе направат и план за коалите кои живеат на места кои се подложни на чести и интензивни пожари, со цел да се избегне уште едно лошо сценарио.
Спирова С. | Црнобело