Во Етиопија се засадени над 350 милиони дрва за само 12 часа во борба против климатските промени
- Детали
- вторник, 30 јули 2019
Во понеделникот, Етиопија најверојатно собори светски рекорд со садењето на 350 милиони дрва за само 12 часа - пример по кој треба да се води секоја земја.
Масовното садење е дел од кампањата за пошумување наречена Green Legacy, поддржана од премиерот Абиј Ахмед. Милиони луѓе ширум целата држава учествувале во предизвикот.
Според премиерот, само во првите 6 часа веќе биле посадени 150 милиони дрва.
„Стигнавме до половина од нашата цел. Продолжете така наредните часови“, ги охрабрил тој своите сограѓани.
После 12-часовниот период, министерот за иновација и технологија на Етиопија, доктор Гетахун Мекурија, објави дека Етиопија го постигнала посакуваниот број, а премиерот изјавил дека дури и го надминале.
Па, за 12 часа, биле засадени вкупно 353.633.660 дрва.
Congratulations #Ethiopia for not only meeting our collective #GreenLegacy goal but also exceeding it. #PMOEthiopia
-->— Office of the Prime Minister - Ethiopia (@PMEthiopia) July 29, 2019
Некои училишта и владини канцеларии биле затворени за оваа прилика, а премиерот ги охрабрил сите да излезат и да го остават својот белег. Дури и тој го посадил неговото дрво во јужниот град Арба Минч.
Во 2017-та година, рекордот беше соборен во Индија, кога за 12 часа, 1,5 милиони волонтери засадија 66 милиони дрва. Целта на Етиопија за целата сезона е уште поамбициозна – кампањата цели да се засадат дури 4 милијарди дрва за време на дождовната сезона, која трае од мај до октомври.
Според Farm Africa, организација која се залага за пошумување на Источна Африка, помалку од 4% од површината на Етиопија е со шуми. На крајот на 19-тиот век, пошумени биле 30% од површината.
Државата истовремено страда и од влијанието на климатските промени, заедно со ерозија на почвата, уништување на шумите, како и чести суши и поплави.
Брзиот раст на населението во државата и потребата за обработлива земја, како и неконтролираното сечење на дрвата, често се причина за унишувањето на шумите. Проблемот е што 80% од населението во Етиопија зависи од агрокултурата.
Неодамнешно истражување покажало дека обновувањето на изгубените шуми ширум светот би отстранило две третини од јаглеродот што ја загрева планетата.
Истражувањето, кое било спроведено на Универзитетот ETH во Цирих, покажало дека обновувањето на шумите ширум целиот свет ќе помогне во „заробувањето“ на 250 милијарди тони јаглерод. Моментално, глобалната емисија на јаглерод е 10 милијарди тони годишно.
Спирова С. | Црнобело