7 начини на кои може да им помогнете на бездомните лица во зима
- Детали
- среда, 19 декември 2018
За следниот пат кога ќе поминете покрај смрзнато лице без постојан дом да не го жалите само со зборови без да преземете никакво конкретно дело, ви помагаме со неколку идеи кои нему ќе му го стоплат телото, а вам ќе ви се стопли срцето.
Зимата е на самиот почеток, а температурите веќе се неверојатно ниски, посебно за оние кои немаат каде да се стоплат.
Па, како можете барем малку да им го разубавите денот, неделата, месецот, животот?
1. Исчистете го плакарот. Зимската облека која не ја носите ниту за по дома, верувајте дека некому може да му спаси живот. Донирајте ја лично на лицата кои постојано ги гледате смрзнати низ градот. Водоотпорните обувки се исто така од големо значење.
2. Ако најдете промоција на ќебиња и топли прекривки, купете едно или две плус од планираното и подарете ги на бездомниците. Истото може да го направите и со ќебињата кои ги имате дома, а не ги користите од банални причини.
3. Направете корисни пакетчиња. Спакувајте влажни марамчиња, вода, храна која може да издржи неколку дена, топли чорапи, ракавици, капче и шал, долна облека...
4. Храната која не сте ја изеле за време на празничните прослави, уште утредента распоредете ја во пластични садови и подарете ја на бездомните лица.
5. Започнете акција преку социјалните мрежи. Сега барем е лесно. Се сеќавате на луѓето кои ги оставаа своите стари јакни закачени на дрва, за да ги земат оние на кои им се најпотребни? Смислете нешто слично. Идејата и иницијативата барем се бесплатни.
6. За време на викендите сварете топол чај. Ставете го во термос кој ја задржува топлината и прошетајте низ градот. Споделете со секој бездомник или човек кој стои на ниски температури затоа што нема друг избор. Иако вам ви изгледа како ситен гест, на некого може да му го подобри и разубави денот.
7. Донирајте чадори или водоотпорни материјали. Бидејќи, кога студот и влагата ќе навлезат во облеката на бездомните лица, шансите за хипотермија се многу поголеми.
Бонус: Како да препознаете лице кое пати од хипотермија и очајно му е потребно затоплување во моментот?
М. Д. | Црнобело