Моралес им одржа лекција на своите грчки фанови
- Детали
- среда, 29 август 2012
Познатиот светски Ди-џеј Дејвид Моралес остро реагираше на написите на своите грчки фанови на неговиот профил на Фејсбук, откако му приговорија што го употребил уставното име на Република Македонија.
Моралес на неговата фан страница на социјалната мрежа Фејсбук постави фотографија од неговиот концерт во Битола на Широк Сокак, пренесе телевизијата Тера.
Како локацијата на одржаната забавата, Моралес наведе Битола, Македонија, што ги предизвика неговите фанови од соседна Грција.
Тие и се обидоа да му дадат на знаење дека тој одржал забава во ФИРОМ или во Скопје, но никако дека тоа е Македонија, оти Македонија била во Грција.
Револтиран од политиката и историјата која се обидуваа да му ја објаснат, Моралес им се обрати со следниот текст.
„Вистинска штета е што луѓето се возбудуваат за политиката и историјата од која дури и тие никогаш не биле дел од неа. Немојте да не ме почитувате заради тоа што напишав за нешто специјално и неверојатно и каде се случило. Јас го нареков како што се вика денес. Што се однесува за политиката, засрамете се сите кои што ги изнесовте вашите погледи и вашите глупави реторики, кога се беше само за посебниот настан, каде што јас бев поканет да настапам и да направам луѓето да се забавуваат. Не ме инволвирајте во вашата политика. Негативните луѓе се оние кои што го држат овој свет назад од напредокот и да стане подобро место за живеење. Мрази го својот сосед, убиј го својот сосед, одлична филозофија. Моите пофалби, за оние со ограничени сфаќања. Имам љубов за сите нации и религии. Музиката нема граници. Мир“, се вели во рекацијата на прославениот ди-џеј.
29.08.2012 (Текст: Макфакс)