Apple е најскапата компанија на светот
- Детали
- вторник, 21 август 2012
Американскиот информатички гигант Apple по растот на нејзините акции стана најскапата компанија на светот, надминувајќи го Microsoft, кој оваа „титула“ ја држеше од 1999 година.
Акцијата на Apple порасна на 664,75 долари, што врз основа на бројот акции во промет, претстава берзанска капитализација од 623,14 милијарди американски долари.
Претходниот рекорд што го држеше Microsoft, кој на 30-ти декември 1999 година во времето на процутот на интернетот достигна вредност од 620,8 милијарди американски долари, според статистиките на рејтинг агенцијата Standard and Poor's. Од тогаш, на Microsoft значително му опадна вредност и сега чини „само“ 257 милијарди долари.
Компанијата Apple привлекува нови инвеститори бидејќи се очекува новиот циклус лансирање на нови производи, како што се новата генерација паметни телефони iPhone и таблетите iPad Mini, смета Мајкл Џејмс, аналитичар во компанијата „Wedbush Morgan Securities“.
Според претходните најави на многу специјализирани интернет портали, компанијата од Калифорнија ќе ја претстави својата петта генерација смартфони iPhone на прес-конференција на 12-ти септември, а продажбата ќе започне на 21-ви септември. Аналитичарите на случувањата во информатичката индустрија, исто така, предвидуваат дека Apple набрзо ќе лансира минијатурни верзии на таблет компјутерите iPad и на iTV-то.
21.08.2012 (Макфакс)