Потресни сведоштва за ураганот Милтон во Флорида: „Кога ќе се вратам дома – се ќе биде уништено“
- Детали
- четврток, 10 октомври 2024
„Од претходниот ураган месецов, изгубив скоро сè, вклучувајќи го и мојот автомобил. Со себе понесов сè што ми остана и се евакуирав во хотел… Не знам што ќе правам понатаму. Страшно е“.
Вчера (09.10) дел од Флорида беше погодена од ураган, и тоа вторпат за помалку од еден месец.
Ураганот е од категорија 3, а опасноста и ризикот од него се поделени на неколку зони во Флорида.
На пример, луѓето кои се во зоните А и B, се изложени на најголем ризик и евакуирањето е задолжително.
За луѓето во зона C, опасноста е најмала, па евакуацијата e потребна само на некои места каде што има ризик од поплави и слично.
Ураганот ја погоди Флорида во среда вечерта, од централниот дел на западниот брег.
Минува низ централниот дел на Флорида, и се движи кон Атлантскиот Океан на источниот брег.
Дел од градовите кои се наоѓаат на патот на ураганот се Тампа и Санкт Петерсбург (го носи истото име како градот во Русија).
Многумина се евакуираат кон градот Орландо кој иако беше зафатен од ураганот, е многу побезбеден од околните места.
На некои локации, пак, поплавите почнале уште пред ураганот да стигне до копното.
На Редит, уште вчера (09.10) корисниците почнаа да споделуваат искуства за евакуацијата, но и целата ситуација.
Дел од нивните сведоштва во продолжение:
„Тргнав од Тампа кон Орландо во вторникот вечерта и тогаш времето беше добро.
Тешко е да се дојде до бензин на поизолираните места. Евакуацијата се одвива добро, но бавно.
Моите родители возеа 10 часа за растојание што се минува за 5. Орландо е на патот на ураганот, но овде ризикот од поплава е многу помал“.
„Јас сум од јужниот дел на Тампа. Од претходниот ураган, Хелена, изгубив скоро сè, вклучувајќи го и мојот автомобил.
Останав во мојот стан до понеделникот. Живеам во зона А, што значи морав да се евакуирам.
Со себе понесов сè што ми остана… Со мачката сум во хотел. Не знам што ќе правам понатаму. Страшно е, збунет сум и преморен“.
„Живеам во Санкт Петерсбург. Искрено, евакуацијата не е толку лоша. Отидов во Орландо.
Најлошиот дел е исчекувањето. Во Санкт Петерсбург се чувствуваат очајот и тагата и тешко ми беше да заминам знаејќи дека кога ќе се вратам, можеби сè ќе биде уништено.
Благодарен сум што сум физички на безбедно. Но, веќе тагувам за градот што толку многу го сакам“.
„Јас не сум во Флорида, но таму е 82-годишен член на моето семејство. На брегот на Тампа е и одбива да се евакуира.
Загрижен сум, но веќе е доцна да одам дотаму и да го одвлечкам со мене на безбедно“.
„Живеам во Тампа, во зона А. Со сопругот отидовме во друга држава, ги зедовме кучињата и најважните работи.
Автомобилот го паркиравме кај пријателка, на шестиот кат од гаража за да не се поплави…
Среќна сум што сме на безбедно, но ми се превртува стомакот од она што ќе се случи со нашиот град“.
„Овој ураган ми се чини многу поразличен. Во Орландо сум и многу луѓе доаѓаат тука.
Нема бензин, рафтовите во продавниците се празни, навистина е лошо. Бурата е многу страшна“.
„Изминатава недела беше тешко да се допре до гориво и храна.
Уште закрепнуваме од ураганот Хелена и немаше време да се надополнат залихите што се истрошија тогаш“.
„Свекорот беше на гости во Тампа и не можеше да најде авионски билет за да се врати во Охајо.
Изнајми автомобил и возеше 24 часа до Охајо, без воопшто да спие. Обично доволни се 16 часа за да стигнете од Тампа до Охајо со автомобил.
Рече дека сообраќајниот метеж бил лудило. Немало гориво на многу бензински. Среќна сум што успеа да се врати дома“.
Спирова С. | Црнобело