Морничави видеа од авионот во кој загина патник поради турбуленции – Останатите се збогувале со саканите
- Детали
- среда, 22 мај 2024
Во вторникот, на лет од Лондон до Сингапур загина патник поради интензивните турбуленции во авионот. Од турбуленциите, авионот почнал нагло да се спушта и патниците биле сигурни дека ќе загинат, па почнале да им праќаат проштални пораки на своите сакани.
Вчера (21.05), авион на авиокомпанијата Sinagpore Airlines принудно слета во Банкок по интензивните турбуленции во кои еден патник го загуби и животот.
На летот SQ321 имало вкупно 211 патници, и тоа од неколку земји ширум светот, како Англија, Австралија, Нов Зеланд и Сингапур.
Авионот полетал во понеделникот вечерта од аеродромот Хитроу во Лондон и тргнал кон Сингапур.
Авионот на Singapore Airlines
Летот, кој требало да трае околу 13 часа, е мошне честа линија, но неколку часа по полетувањето, додека авионот бил над Мјанмар, почнале интензивни турбуленции.
Наводно, авионот влегол во област со силна бура со грмотевици, но дел од патниците ги немале ставено безбедносните појаси.
Среде турбуленциите, авионот нагло почнал да се спушта – повеќе од сто метри за само 90 секунди.
Па, оние кои биле без појас или биле застанати, силно удриле во таванот од леталото.
Дел од рачниот багаж во кабината почнал да паѓа врз патниците, додека предметите кои не биле прицврстени, како шишиња и прибор за јадење, почнале да летаат низ авионот.
Многу патници биле повредени и имале скршеници.
Среде целиот хаос еден од патниците изгубил свест најверојатно поради инфаркт и починал.
Некои од патниците со медицинско искуство пробале да го реанимираат, но безуспешно.
Мажот кој починал
Според некои извори, пилотот не го вклучил знакот за безбедносните појаси, а еден од патниците дури бил и во тоалетот.
Но, други патници тврдат дека знакот бил вклучен, но авионот почнал да паѓа речиси веднаш потоа, па скоро никој немал време да се врати на местото или да стави појас.
Откако пилотите успеале да ја вратат контролата над авионот, слетале на аеродромот Suvarnabhumi во Бангкок каде на повредените патници им била укажана помош.
Од 211-те патници и 18-те членови на екипажот, дури 71 личност имала потреба од медицинска нега. Шест луѓе имале сериозни повреди, додека многумина имале повреди на главите од ударот на таванот од авионот.
Според изјавите на патниците, тие биле сигурни дека нема да преживеат, па дури почнале да им пишуваат проштални пораки на своите сакани.
Твитер е преплавен со морничави фотографии и видеа од мигот кога почнале турбуленциите, но и од ситуацијата во авионот потоа.