Вилијам на хуманитарен настан, Хари во Лас Вегас - Први јавни обраќања на британските принцови по дијагнозата на Чарлс
- Детали
- петок, 09 февруари 2024
Вилијам јавно се заблагодари за грижата и пораките, а Хари не го ни спомна татко му, туку кажуваше шеги. Во оваа насока одат написите во британските медиуми, откако двата принца имаа јавни обраќања по вестите дека на Чарлс не му се допаднало тоа што Хари дошол во Лондон ненајавен.
По јавното соопштување на дијагнозата на кралот Чарлс кој боледува од рак, и двата негови сина имаа јавно обраќање. Принцот Вилијам за првпат се појави на хуманитарен настан за собирање донации за медицински хеликоптери, а Хари, пак, ненадејно се појави на настан во Лас Вегас.
Принцот Вилијам имаше јавно обраќање во Лондон, каде што се пошегува малку на сопствена сметка.
Тој во говорот што го даде на Добротворната гала вечера за лондонската воздушна амбуланта прво им се заблагодари на сите за пораките со сочувство, а потоа накратко се осврна и на стресовите поврзани со здравствената состојба на неговата сопруга Кејт, која имаше итна операција на абдоменот и дијагнозата на неговиот татко.
„Добра вечер на сите, ви благодарам што дојдовте. Им благодарам на сите што со својата напорна работа го организираат овој настан.
Би сакал да ја искористам оваа можност да ви се заблагодарам за убавите пораки и поддршката за Кетрин и за татко ми, што ги добивме во изминатите неколку денови и тоа многу ни значи.
Би било фер да кажам дека во последните неколку дена некако медицината ни е во фокусот.
Па, си помислив дека е добро да дојдам на настан поврзан со воздушна амбуланта за да побегнам од сѐ“ – се пошегува принцот на своја сметка.
Хари, од друга страна, по долгиот пат до Лондон каде имаше кратка средба со татко му, ненадејно се појави на NFL настан во Лас Вегас, каде воопшто не ги ни спомна проблемите во семејството, туку се шегуваше за американскиот фудбал, па рече дека „Американците го украле рагбито од Британците и си го присвоиле“.
По ненадејната средба на Хари со кралот Чарлс во Лондон, дел од британските медиуми пишуваат дека татко му воопшто не бил среќен што син му оставил сѐ и побрзал да стигне кај него, а не му се допаднало ниту тоа што тој дошол ненајавен.
„На кралот не му се допадна тоа што беше ставен пред 'свршен чин' од страна на неговиот емотивен син, кој имал само најдобри намери“ – се вели во статиите.
Инаку, здравствената состојба на кралот Чарлс деновиве е во фокусот на британската и светската јавност и се соопштува дека тој ќе прими најнов и помалку инвазивен третман во борбата со ракот.
Третманите ќе ги добива во неговиот дом во Лондон, по што ќе се врати во еден од неговите имоти на село за да закрепне.
Прочитајте и Татко си е татко: Чарлс му прости на Хари и го прими на 45 минути, но Вилијам нема намера да го види
Б. С. Б. | Црнобело