Фризер со златно срце: Бесплатно им става перики на деца што имаат изгореници на главата (видео)
- Детали
- вторник, 30 јануари 2024
Фризер со срце како планина носи доза позитива на социјалните мрежи и нѐ тера да веруваме дека сѐ уште во светот има добри луѓе. Тој им ја враќа насмевката на дечињата кои ја загубиле косата заради повреди од изгореници или имаат деформации на главата.
На социјалните мрежи често се споделуваат видеата од млад фризер од Бразил, Франциско Оливиера, кој им ја враќа насмевката на лицето на дечињата кои ја загубиле косата во трагедии и пожари или, пак, заради деформации на главата.
На Инстаграм е објавено видео на кое се гледа како едно детенце со видливи изгореници на главата седнува на неговото столче, а Франциско, за да го насмее, ја крева својата перика на главата и му покажува дека не станува збор за ништо страшно.
Подоцна, малото момче си замина од салонот на Франциско со нова фризура и со видно прекриени повреди.
Инаку, Франциско го започнал овој хуманитарен проект пред околу една година, кога тој му направил фризура на младиот Жоао, кој претрпел големи повреди во пожар и имал видливи повреди на лицето.
По ова, голем број мајки почнале да му се јавуваат на Франциско и да ја бараат неговата помош и фризерот одлучил да започне добротворен проект со кој им помага на сите дечиња кои претрпеле повреди од несреќи, а тие од неговото столче си заминуваат со модерни фризури.
Тој на дечињата им става „протеза“ која е изработена од екстремно тенок силикон, а на кој се прикачени влакна од човечка коса. Месечно, тој им помага на околу 3 дечиња од целиот Бразил, а средствата за протезите се собираат од доброволни прилози и хуманитарни акции.
Погледнете го видеото од момчето на кое Франциско му ја врати насмевката со новата фризура:
Б. С. Б. | Црнобело