„Посетив 193 земји во светот, но Италија и Северна Кореја ме разочараа - Зошто?“
- Детали
- петок, 10 ноември 2023
„Во Италија ја сакам кујната, природата и културата, но не ги поднесувам тамошните мажи, кои немаат почит кон жените. Во Северна Кореја се чувствував како да треба постојано да 'газам по јајца'“ – инфлуенсерката Касандра де Пекол открива кои земји што ги посетила ѝ оставиле најлош впечаток.
Инфлуенсерката Касандра де Пекол од САД (32) имала можност да посети вкупно 193 земји во светот, меѓу кои и Северна Кореја.
Касандра до 27 години успеала да ги посети сите 193 суверени нации, плус Тајван, Косово и Палестина.
Како што вели додека била дете, заради финансиски причини не можела да патува, но откако станала полнолетна одлучила да го пропатува светот и да посети што е можно поголем број земји во светот.
Во текст за Insider, Касандра издвојува кои се нејзините омилени дестинации, кои ѝ оставиле впечаток заради неповторливите пејзажи, разновидните култури и уникатната кујна.
На врвот на нејзината листа се Аргентина, Австрија и Бутан, кои ѝ оставиле најголем впечаток, а по нив следуваат и Пакистан, Вануату, Исланд, Оман, Маурициус и Тунис.
За секоја од овие земји Касандра има само пофални зборови и ја фали гостопримливоста на локалното население, но и природните убавини и можноста да ужива во различни активности.
Но, интересно е тоа што Касандра е разочарана од Италија како земја. Зошто земјата што важи за омилена туристичка дестинација не успеала да влезе во потесниот избор на оваа инфлуенсерка?
„Сум била во Италија многупати во последните 15 години и мојот пра-пра-прадедо бил Италијанец – така што имам потекло и оттаму. Но, без разлика колку пати и да одам, секогаш кога сум излезена ме вознемируваат мажи.
Навистина е срамота, затоа што жените секогаш биле навистина љубезни со мене и научив многу од нив.
Ја сакам кујната, културата, пејзажите и речиси сѐ друго во земјата, но кога и да одам мажите не ме почитуваат“ – вели таа.
Уште една земја што целосно ја разочарала е Северна Кореја. Како што вели, кога стигнала таму во 2016-та година знаела дека мора да се придржува до строгите правила на земјата.
„Морав да барам дозвола секојпат кога сакав нешто да сликам и не ми беше дозволено да излезам од хотелот без дозвола. Морав да ги оставам фотоапаратот, телефонот, ГПС уредот (што го користев за моето семејство да знае каде сум) и лап топ компјутерот на аеродромот, затоа што властите имаат право да ги конфискуваат доколку сакаат.
За среќа ја земав со мене GoPro камерата, па така успеав да направам повеќе фотографии таму.
Исто така, таму не смеев да разговарам со локалците. Се напив кафе во лобито во хотелот и го оставив на масата, но ме предупредија дека тоа не смеам да го правам.
Заради големиот број мали правила се чувствував како да треба постојано да внимавам што правам“ – вели Касандра.