Пепелашка од реалноста! Девојка намерно ја „загубила“ сандалата во кралската палата во Данска на роденденот на принцот
- Детали
- петок, 20 октомври 2023
„'Загубената' сандала требаше да даде бајковит крај на забавата во стилот на Пепелашка. Мислев дека ќе биде смешно, разговарав со моето семејство и со пријателите, па и тие сметаа дека треба да пробам да ја оставам сандалата без некој да ме забележи“, вели Ен-Софи, која ја нарекуваат „Пепелашка од реалноста“.
Принцот Кристијан од Данска на 15 октомври го прослави својот 18-ти роденден. Но, во кралската палата каде што се одржуваше големата забава, се случи бајката за Пепелашка во реалноста.
На врвот на скалите беше пронајден златен чевел, па, во кралството започна потрагата по неговата сопственичка.
На официјалниот Инстаграм профил на кралското семејство беше објавена фотографијата од златниот чевел кој беше пронајден по крајот на прославата.
„Дали Пепелашка си го заборави чевелот вчера?“, пишува во објавата.
Златната сандала ѝ припаѓа на 18-годишната Ен-Софи Торнсо Олсен, која призна дека самата се потрудила да ја оживее популарната бајка во реалноста.
Ен-Софи е сингл, но причината поради која ја оставила сандалата не била да се запознае со принцот, туку за да се забавува.
Ен-Софи беше една од 200-те млади луѓе од 98-те општини во Данска, но и од Фарските Острови и од Гренланд, кои добија покана да присуствуваат на роденденската забава на принцот.
Таа ја претставуваше општината Егедал.
Но, Ен-Софи одлучила да ја направи ноќта уште позабавна и да си создаде незаборавни спомени, така што во реалноста ќе ја рекреира познатата бајка, па смислувала начин како да го остави чевелот и да си замине незабележано.
„Тоа требаше да биде бајковит крај на забавата во стилот на Пепелашка.
Мислев дека ќе биде забавно, дури и смешно, па разговарав со моето семејство и со пријателите за тоа, и тие се согласија со мене дека треба да пробам да го направам тоа“, изјави Ен-Софи за данскиот весник Se Og Hør.
Сепак, не било толку едноставно да го изведе планот. Кога првиот пат се обидела дискретно да ја „испушти“ сандалата, некој ја забележал и побрзал да ѝ ја врати.
Но, бидејќи била решена да го исполни својот план, таа пробала повторно да „ја загуби“ сандалата.
„Кога јас и мојот партнер од општина Егедал излегувавме од палатата по скалите, брзо го соблеков чевелот кој веќе беше одврзан и тој падна, а јас набрзина се оддалечив за никој да не може да ме запре“, изјави Ен-Софи за TV2.
Ен-Софи вели дека иако е сингл, не мисли дека таа и принцот Кристијан ќе имаат ист крај како Пепелашка и нејзиниот принц.
„Тоа не е го направив затоа што мислам дека сега ќе се омажам за него, туку некако се надевав дека некој ќе помисли дека тоа е смешно. Но, тоа предизвикува и внимание кое се насочи кон кралското семејство“, додава таа.
Ен-Софи и принцот Кристијан сепак се запознале на роденденската прослава и поразговарале, но таа вели дека не може да се сети за што точно зборувале.
„Навистина не се сеќавам што го прашав, бидејќи бев многу збунета, но мислам дека има врска со тоа што тој мисли за целата работа и за тоа што ги покани сите оние луѓе во замокот“, рекла Ен-Софи.
Од данската палата, пак, потврдиле дека златниот чевел наскоро ќе го вратат на неговата сопственичка.
А. Ј. | Црнобело / фото: Инстаграм