Морничави снимки од трагедијата во близина на Венеција - автобус излета од патот, загинаа 21 лице, вклучувајќи и деца
- Детали
- среда, 04 октомври 2023
„Слушнав силен звук, мислев дека е воз. Видов чад и слушнав како луѓе бараат помош. Кога истрчав и го здогледав автобусот, викањето се претвори во мртва тишина. Ми запре крвта“, вели очевидец за страшната автобуска несреќа во близина на Венеција во која загинале 21 лице, вклучувајќи и две деца.
Синоќа (03.10) во близина на Венеција во страшна автобуска несреќа загинаа најмалку 21 лице, а има и бројни повредени.
Помеѓу загинатите е и 40-годишниот возач на автобусот, но и две деца.
Несреќата, која италијанските медиуми ја опишуваат како „апокалиптична сцена“, се случила кога автобусот излетал од надвозникот и паднал на автопатот подолу.
Веднаш потоа, возилото се запалило.
Според CNN, властите уште се обидуваат да утврдат што ја предизвикало несреќата.
Спасувачките екипи работеле цела ноќ за да ги извлечат телата на починатите, а автобусот бил тргнат од автопатот во раните утрински часови.
Италијанските медиуми пренесуваат дека помеѓу повредените има лица од Украина, Франција, Хрватска и Германија бидејќи автобусот пренесувал туристи.
На морничавите фотографии и видеа од несреќата се гледа дека автобусот е превртен и речиси потполно уништен
Од повредените, пет лица биле во критична состојба и не се знаело дали ќе се спасат.
Daily Mail пренесува и морничава изјава на сведок на несреќата:
„Слушнав силен звук, мислев дека е воз. Потоа слушнав удар. Испаничив и видов чад и слушнав луѓе кои викаа помош.
Како што истрчав и го здогледав автобусот, викањето се претвори во застрашувачка мртва тишина, ми запре крвта.
Сакав да помогнам, но ме спречија еден пријател и полицајка бидејќи автобусот беше запален и постоеше опасност да експлодира. Останав таму додека да дојде помош“.