„Ќерка ми имаше модринка под окото – лекарите велеа дека не е ништо, а потоа дознавме дека има рак“
- Детали
- среда, 26 јули 2023
„Бевме на лекар за да ја види модринката под окото, но ни рекоа дека не е ништо“ – раскажува мајка од Англија. Таа открива дека навидум безопасната модринка под окото на нејзината 13-месечна ќерка била симптом на тешка форма на рак што се проширил низ целото тело.
Харпер Вокер од Англија имала само 13 месеци кога нејзините родители забележале мала модринка под нејзиното десно око, а тие воопшто не очекувале дека еден месец подоцна ќе слушнат застрашувачки вести.
Џени Хударт (38) од Англија за британските медиуми ја споделува приказната на нејзината ќерка Харпер, со цел да им укаже на другите родители да бидат внимателни и дека модринките некогаш може да бидат симптом на многу посериозна состојба.
Таа и нејзиниот партнер Адам Вокер по две недели забележале дека модринката не се повлекува, туку напротив се шири околу целото око, па по еден месец одлучиле да ја однесат на лекарски преглед.
Но, по неколку прегледи лекарите немале конечна дијагноза, сѐ додека еден ден состојбата не ѝ се влошила толку многу, што морале итно да ја пренесат во болница и оттаму итно била упатена на одделот за офталмологија.
По направените анализи било откриено дека станува збор за невробластом, односно рак што се развива од неразвиените нервни клетки додека бебето е во стомакот на мајката.
Ракот се формира во одделни делови од телото, а најчесто во бубрезите или во рбетниот мозок и може да се прошири на другите органи, како на лимфните жлезди, црниот дроб или на кожата.
„Кога ни кажаа бевме во шок. Не ја сфаќавме сериозноста на ситуацијата, а кога сфативме за што се работи како светот да застана. Мислам дека понекогаш сѐ уште сме во бунило“ – вели мајката Џени.
Според дијагнозата, кај малата Харпер болеста започнала во надбубрежните жлезди, па се проширила во ткивата на рацете, ребрата, колковите, черепот и во коскената срж.
По дијагнозата Харпер веднаш почнала со хемотерапија, а потоа ќе ѝ биде направена операција за да се отстрани првичниот тумор.
„Таа досега добро се справува со терапиите, но секои три дена ѝ прават анализа на крвта. Се надеваме дека новите тестирања ќе покажат дека добро ја прифаќа терапијата и дека ракот се повлекува“ – вели Џени.
Сепак, и додека трае борбата, Џени вели дека Харпер сѐ уште е ведро дете кое се смее и ги забавува медицинските лица.
Мајката сега ја споделува својата приказна со цел да ги предупреди родителите да бидат внимателни со своите деца и да не ги занемаруваат ни најмалите симптоми кај нив.
Инаку, другите симптоми што може да укажуваат на невробластома се:
- отечен стомак;
- проблеми со столицата и со мокрењето;
- често губење на здивот и отежнато голтање;
- топче на вратот;
- сини модринки на кожата, најчесто во пределот околу очите;
- замор и загуба на енергија;
- бледа кожа;
- загуба на апетит и загуба на килограми;
- нестабилност при движење и малаксаност.
Б. С. Б. | Црнобело