Браво! Пар од Тексас собрал донации за детенце, кое е жртва на булинг и бара нови пријатели, за да го има најубавото лето
- Детали
- вторник, 11 јули 2023
Во емотивно видео споделено на ТикТок, се гледа како детенце на возраст одоколу 12 години го прашува неговиот сосед дали знае деца кои можат да му бидат пријатели, бидејќи неговите досегашни го малтретирале. Трогнат од приказната на детето, соседот собрал речиси 40.000 долари со донации за да му го разубави летото.
Пар од Тексас, САД собрал речиси 40.000 долари за детенце од нивното соседство кое било жртва на булинг, со цел да му го разубават летото.
Бренан Реј и Ејнџел Хамерсмит биле трогнати кога детенцето дошло пред нивниот дом и им рекло дека очајно му требаат нови пријатели бидејќи децата од соседството го малтретираат.
Емотивниот разговор бил снимен со безбедносната камера на влезната врата на парот, а тие го споделија видеото на ТикТок.
На снимката се гледа како малиот Шејден ѕвони на ѕвончето и ѝ мавта на камерата, а потоа се слуша гласот на Бренан кој го поздравува.
„Само сакав да видам дали знаете деца на возраст од 11-12 години, бидејќи ми требаат пријатели, навистина ми требаат“, вели Шејден во видеото.
Бренан му кажува дека во соседството живеат две деца, на што Шејден одговара:
„Па, тие не ми се пријатели повеќе бидејќи ме малтретираат. Постојано ме малтретираат“.
Потоа детенцето го прашува Бренан дали тој има деца, но мажот му вели дека неговите се многу мали – имаат едвај две години.
„Тоа е одлично. Бидејќи, јас сакам 2-годишни деца, да бидам искрен. Тие се најслатките нешта што ги имам видено. Имав 2-годишна сестра. Многу сакав да минувам време со неа“.
На крај, Бренан го прашува детенцето како се вика и му ветува дека секојпат кога ќе го види ќе го поздравува.
Во описот на емотивното видео, Бренан ги замолува корисниците да му помогнат на Шејден.
„Потребни се само две секунди за да разубавите нечиј ден. Не знаете низ што минуваат луѓето додека не поразговарате со нив. Ова младо момче е добро воспитано, добро и храбро. Па, ТикТок, може ли да му помогнеме на Шејден да си најде пријатели?“
@brennanray Its takes 2 seconds to make someones day, you never know what people are going through until you get a chance to talk to them. This young man is well mannered, kind, and brave. So tiktok can we help shayden make some friends???#fyp #bekind #nobullying #love #kindness #letschangetheworld
♬ original sound - Brennan Ray
По ова, Бренан и сопругата Ангел решиле да направат кампања на Go Fund Me за да му го разубават летото на детенцето.
Тие биле изненадени од помошта на другите бидејќи успеале да соберат над 37.000 долари од донации, додека целта им биле 7.000 долари.
„Оваа кампања е за нашиот сосед Шејден Вокер. Добро младо момче кое бара пријатели во нашето соседство. Спомна дека бил малтретиран и дека му е тешко да си најде пријатели.
Нашето видео на ТикТик стана вирално и ни предложија да направиме Go Fund Me кампања за него. Собираме пари за да му купиме конзола за видеоигри, облека за на училиште и, надежно, билети за во некој забавен парк и што било друго што му треба.
100% од собраните пари ќе одат кај Шејден и неговото семејство. Да продолжиме да му покажуваме добрина на Шејден и да ја зголемиме свесноста за булинг и превенција на самоубиство!“
За Daily Mail, Бренан вели дека со сопругата не можеле да не преземат ништо.
„Ја слушнав ранливоста во неговиот глас. Само знаев дека сакам да му помогнам“.
Бренан сподели и видео на кое покажува како изгледала средбата со Шејден откако ги собрале парите.
Во видеото, Шејден изгледа пресреќно додека се дружи со Бренан, неговата сопруга и нивното дете.
@ ♬ -
Мајката и очувот на Шејден, пак, велат дека забележале огромна разлика во неговото расположение. Тие велат и дека се премногу благодарни и трогнати од добрината на луѓето.
Сепак, парот открива дека не им требаат парите од донациите и ќе се чувствуваат виновно ако ги земат.
Бренан и Ејнџел открија дека собраните пари стојат на сметката од Go Fund Me и ќе бидат за Шејден кога ќе биде подготвен за нив.
Спирова С. | Црнобело