Жена поминала 500 дена во пештера, целосно изолирана од светот: „Не сакав да излезам“
- Детали
- четврток, 20 април 2023
Атлетичарка од Шпанија поминала 500 дена во пештера, потполно изолирана од светот. Таа била толку посветена на овој луд подвиг, што не сакала да ја контактираат дури и ако починел член од нејзиното семејство.
Беатрис Фламини од Шпанија е атлетичарка која се фокусира на екстремни спортови, а неодамна го заврши нејзиниот најлуд подвиг.
50-годишната жена помина 500 дена во подземна пештера, изолирана и без буквално никаков контакт со останатиот свет.
Со нејзиниот подвиг, група научници ќе истражуваат какво влијание има долгата изолација врз психата на човекот, но и како се адаптира телото на живеењето под земја.
Беатрис живеела во пештера во Шпанија, која се наоѓа околу 70 метри под земја. Лудиот подвиг го почнала во ноември 2021-ва, а излезе од пештерата на 14-ти април годинава.
Во овој период, таа немала никаков контакт со луѓе, а немала ни интернет пристап. Што значи, сè до излегувањето, не била свесна за настаните во светот како смирувањето на пандемијата, смртта на кралицата Елизабета и руската инвазија на Украина.
Беатрис била толку посветена на својата цел, што истакнала дека не сака да биде контактирана дури и ако починел член од нејзиното семејство.
Атлетичарката, која имала 48 години кога „се преселила“ во пештерата, ги минувала деновите во читање, пишување, плетење и цртање. Истовремено, со себе имала две GoPro камери со кои го документирала целото искуство.
Храната до пештерата ѝ била доставувана од тим, но во 500-те денови таа ниту еднаш не стапила во контакт со овие луѓе. Односно, тие ја оставале храната на одредено место, а таа ја земала дури откако ќе си заминеле.
На прес-конференција, Беатрис откри дека по извесно време престанала да ги брои деновите, како и дека поради тишината, искусила аудитивни халуцинации.
Истовремено, Беатрис немала никаква перцепција за времето и кога дошол тимот што треба да ја извади од пештерата, мислела дека поминале само околу 160 дена.
„Времето не минува побавно или побрзо. Туку, времето воопшто не минува и се чини како постојано да е четири наутро. Кога дојде тимот, мислев дека треба да го прекинам експериментот бидејќи се случило нешто“, открива таа.
И покрај бројните предизвици и изолацијата, Беатрис вели дека ѝ се допаѓал животот во пештерата.
„Всушност, не сакав да излезам“.
Со помош на снимките што ги правела, наскоро ќе биде направен документарец кој детално ќе го опише искуството на Беатрис.