„Родителите ми забранија да се омажам за мојата прва љубов на 18 години – сега на 78 конечно сум негова жена“
- Детали
- четврток, 23 март 2023
Лен Олбрајтон (79) и Жанет Стир (78) од Англија, иако биле верени на 18 години, поради родителите морале да ја раскинат свршувачката. Повеќе од педесет години подоцна, тие повторно се сретнале и решиле да ѝ дадат втора шанса на љубовта, па се венчаа пред еден месец, а меѓу гостите беа нивните деца, внуци и правнуци.
Лен и Жанет имаа исклучително тежок пат од нивното запознавање до венчавката. Но и двајцата се среќни што по 60 години разделеност, конечно успеаја да се венчаат.
Парот првпат се запознал во 1963 година, кога Лен имал 19, а Жанет 18 години. Двајцата работеле како медицински техничари во болницата Сент Мери во Њупорт, Англија и се заљубиле на прв поглед, пишува „Daily Mail“.
Брзо откако им почнала љубовта, Лен ја запросил Жанет и таа прифатила.
Но, во тоа време никој не можел да се венча без согласност од родителите, ако нема 21 година, а Жанет била три години помала од законската граница. Нејзините родители не ѝ дозволиле да се омажи и ја натерале да ја раскине свршувачката.
Лен разочаран се преселил во Австралија и таму добил трогателно писмо од Жанет од кое сфатил дека веќе нема никаква шанса за нивната љубов.
По ова двајцата почнале одделен живот.
Лен се оженил во Австралија, добил три деца, се развел и се преселил во Стивениџ каде што работел како окружен медицински техничар.
Жанет останала да живее на островот Вајт за да стане медицинска сестра, а потоа се омажила за поморски поручник и со него имала две деца. Таа веќе била во пензија кога Лен решил да ја најде.
Лен тргнал во потрага по Жанет во 2015 година, иако не знаел дали таа ќе се сети на него.
„Бев исплашен, не знаејќи каква ќе биде нејзината реакција или дали воопшто ќе ја видам. Се надевав дека ќе имам среќа. Не беше лесно да ја најдам, но го направив тоа. Само се надевав дека е добро, но сега сум пресреќен со тоа како заврши мојот пат“, рекол Лен.
Жанет, која во тоа време била уште мажена, се изненадила кога го видела пред својата куќа. Прво не го препознала поради брадата, но веднаш се сетила на него кога ѝ кажал кој е.
„За малку ќе умрев кога сфатив дека стои до мојата ограда. Мило ми беше што ме бара. Во тоа време многу размислував за него“, рекла Жанет.
Но, откако се соземала од изненадувањето, му рекла на Лен да си оди, а на сопругот му кажала дека пред вратата е странец кој бара информација за насока.
Две години подоцна сопругот на Жанет починал од рак и таа го побарала Лен, користејќи ја адресата што ја оставил на божиќната честитка што ѝ ја испратил претходната година.
Во 2018 година, таа се согласила да се пресели во Стивениџ за да живее со него, а лани Лен повторно клекна на едно колено и побара да се омажи за него.
Парот конечно се венча на 11 февруари, скоро 60 години откако поради родителите ја раскинаа свршувачката. На малата церемонија присуствуваа нивните деца, внуци и правнуци.
„Брачниот живот е фантастичен, не може да е подобро“, рекла Жанет за „Daily Mail“.
А Лен додава: „Повторно се вљубивме еден во друг“.
А. Ј. | Црнобело