Криси Тајген и Џон Леџенд споделија прва фотографија од новородената ќерка, речиси 2 години откако го изгубија детето
- Детали
- петок, 20 јануари 2023
„Овде е! Ести Максин Стивенс – куќата е раздвижена и нашето семејство не може да биде посреќно. Се чувствуваме благословено“, пишува на Инстаграм објавата на Криси Тајген со двете постари деца и новородената ќерка.
Со слатка фотка на Инстаграм, Криси Тајген и Џон Леџенд споделија дека го добија третото дете. Криси се породила на 13-ти јануари, а првата фотка од ќерката ја објавија вчера, односно на 19-ти.
На фотографијата, постарите деца на парот, 6-годишната Луна и 4-годишниот Мајлс, позираат со новородената сестричка.
„Овде е! Ести Максин Стивенс – куќата е раздвижена и нашето семејство не може да биде посреќно. Тато плаче од среќа кога ги гледа Луна и Мајлс полни со љубов, и сега дознавам дека сепак ти требаат пелени со царски рез?!
Се чувствуваме благословено. Ви благодариме на сите за љубовта и убавите желби – ги чувствуваме!“, стои во описот на објавата.
Иако парот дури сега официјално ги потврдува убавите новости, Џон Леџенд се пофали со раѓањето на ќерката уште минатата недела, додека настапувал на приватен концерт.
„Колку благословен ден. Иако не можев да спијам многу бидејќи поминав многу време покрај Криси во болницата, се чувствувам енергично“, изјавил пејачот според присутните на концертот.
Пред речиси две години, Криси и Џон го изгубија нивното дете во 20-тата недела од бременоста. Подоцна Криси откри дека нејзиниот живот бил во опасност, поради што лекарите ја советувале да абортира.
Моделот истакна дека одлуката не била воопшто лесна, но лекарите ѝ рекле дека нема шанси да го спасат детето, како и дека постои ризик за нејзиниот живот.
Криси откри дека е повторно бремена во август 2022 година, споделувајќи дека воопшто не било лесно да се справи со вината и тагата од претходната бременост.
„Изминативе неколку години беа бура од емоции, во најмала рака, но радоста повторно ги исполни нашите срца и нашиот дом. По една милијарда инјекции, чекаме уште едно дете“.
По абортусот, Криси мислела дека никогаш повторно нема да може да остане бремена, но сепак успеа со помош на асистирано оплодување.
Всушност, таа откри дека со Џон разговарале и за сурогат мајка или посвојување доколку не успеат со асистирано оплодување.