Ги шпионирале сопругите на Том Круз, Џон Траволта имал врски со мажи: Нови детали за скиентолошката црква од поранешен скиентолог
- Детали
- недела, 02 октомври 2022
Според поранешниот скиентолог Мајк Риндер, лидерот на црквата бил одговорен за разводите на Том Круз со Мими Роџерс и Никол Кидман. Исто така, Том Круз пробал да го натера Дејвид Бекам да стане дел од црквата, а Џон Траволта имал врски со мажи, вклучувајќи пилот и порно ѕвезда.
Мајк Риндер е поранешен скиентолог кој неодамна издаде книга во која открива детали за црквата, но и за нејзините најпознати членови – Том Круз и Џон Траволта.
Мајк бил вклучен во црквата уште од детството, а ја напуштил во 2007-ма, на 52-годишна возраст.
Тој бил еден од поистакнатите членови на црквата и во книгата насловена A Billion Years: My Escape from a Life in the Highest Ranks of Scientology вели дека бил принуден да потпише договор дека ќе ѝ служи на црквата една милијарда години.
Основачот на црквата, Рон Хабард, му ветувал дека ќе му ги покаже неговите најнапредни техники што ги знаат само најистакнатите членови на црквата. Но, наместо тоа, на почетокот го терале да работи тешка физичка работа.
Со текот на времето, Мајк успеал да добие еден од највисоките рангови што ги доделува црквата, но постојано чувствувал дека во внатрешност се случуваат многу лоши работи, како затајување даноци, па дури и малтретирање на членовите.
Кога конечно успеал да ја напушти црквата во 2007 година, Мајк станал нејзин најголем непријател. Тој тврди дека членовите на црквата го следеле, го шпионирале и му го хакирале компјутерот за да го заплашат.
Покрај вознемирувачките детали за црквата, во книгата Мајк пишува и за Том Круз и Џон Траволта кои се едни од најпознатите членови.
Според Мајк, црквата се мешала многу во љубовниот живот на Том Круз.
Имено, додека го снимал Eyes Wide Shut во 1999 година со тогашната сопруга Никол Кидман, актерот почнал да се оддалечува од црквата.
Тој период лидерот на црквата, Дејвид Мискевиџ, постојано му ѕвонел на актерот, но тој го игнорирал.
Тогаш Дејвид испратил истакнат член на црквата да разговара со Том. Мајк вели дека Том постепено ѝ се вратил на црквата, но ова создало раздор помеѓу него и Никол Кидман.
Кога ја почнала врската со Том, Никол присуствувала на сеанси и состаноци во црквата, но никогаш не покажала интерес да стане дел од неа.
Поради ова, црквата почнала да се плаши дека ќе го изгуби нејзиниот најпознат член, па решиле да ја шпионираат актерката и да ѝ го преслушуваат телефонот.
Покрај тоа, истакнатите членови на црквата успеале да ги натераат посвоените деца на актерите – Изабела и Конор – да почнат да ги следат учењата на скиентологијата, а со тоа да ги оддалечат од Никол Кидман.
Мајк тврди дека на децата им бил „испран мозокот“ да мислат дека Никол е „непријател на црквата кој мора да биде замолчен и уништен“.
На крај, црквата успеала да го растури бракот на Том и Никол.
„Кога Том и Никол се разведоа, Дејвид Мискевиџ беше среќен што ’негативното влијание‘ на Никол повеќе не го одвлекуваше Том од црквата. Потоа Том Круз стана најголемиот јавен поддржувач на црквата и Мискевиџ“, пишува Мајк во книгата.
Мајк тврди и дека црквата е одговорна за првиот развод на Том Круз.
Во 1990 година, додека беше во брак со првата сопруга Мими Роџерс, Том Круз ја запозна Никол Кидман.
Наводно, веднаш се вљубил во Никол, но прво морал да се ослободи од Мими за да може да направи нешто со неа.
Мајк вели дека црквата пробува да му ја исполни секоја желба на Том Круз, па членовите си дале за цел да му помогнат на Том да се ослободи од Мими Роџерс.
Истакнат член од црквата добил задача да ја убеди Мими да се согласи да се разведе од Том.
Во февруари 1990 година, Том Круз и Мими Роџерс се разведоа, а кон крајот на истата година, тој се венча со Никол Кидман.