Камила Кабејо отворено за несигурноста за изгледот и анксиозноста: „Се споредувам со жени на Инстаграм, одев на терапија“
- Детали
- среда, 11 мај 2022
Иако изгледа како на Камила Кабејо да не ѝ е грижа што мисли јавноста за нејзиниот изглед и постојано се појавува во изданија кои го покажуваат нејзиното несовршено тело, пејачката откри дека нејзината самодоверба страда бидејќи постојано се споредува со други девојки и жени, а анксиозноста ѝ станала неподнослива и не можела да функционира.
Камила Кабејо редовно беше критикувана за изгледот на нејзиното тело, можеби најмногу кон крајот на минатата година, кога се појавија папарацо фотки на кои ѝ се гледа опуштеното стомаче.
Извесен период пејачката ги игнорираше негативните коментари, но на крај сепак реши да ги замолчи „критичарите“ со изјава што стана вирална.
Со видео на ТикТок, Камила истакна дека таа е „реална жена“ како и сите други, па нормално дека ќе има и облини, и целулит, и стрии, и масни наслаги.
И покрај самодовербата со која Камила зрачи во видеото, сега 25-годишната пејачка откри дека сепак ѝ било тешко да го прифати своето тело, особено кога постојано добива критики за изгледот.
Во интервју за People, младата пејачка отворено зборува за проблемите со самодовербата, но и како учи да ги игнорира негативните коментари и наместо на нив, да се фокусира на своето ментално здравје.
„Луѓето постојано гледаат фотографии од познати личности и сакаат да си ја променат исхраната или копнеат да изгледаат како нив.
Немам решение за ова, постојано ми претставува проблем и мене. И на Мет Галата ми беше проблем. Ова е постојана битка и мислам дека сите жени се чувствуваат така“.
Пејачката вели дека имала проблеми со самодовербата поради изгледот и кога го споделила виралното видео, а истакнува дека воопшто не се чувствува пријатно што постојатно е „под лупа“ за нејзиниот изглед.
Камила призна дека како огромен број девојки и жени, и таа неретко се споредува со она што го гледа на Инстаграм. Кога, пак, ќе сфатела дека претерува со споредбите, неретко се случувало да ги избрише апликациите за Инстаграм и ТикТок за да се ослободи од негативноста.
„Кога почнувам да се споредувам со луѓето што ги гледам на Инстаграм (како што направив пред неколку дена) почнуваат негативните мисли“.
Сепак, Камила смета дека јавноста треба да знае како навистина изгледаат ѕвездите во реалноста. Таа верува дека со зборувањето за ниската самодоверба поради изгледот нема да го реши проблемот, но се надева дека ќе им помогне на другите девојки и жени да престанат да се споредуваат.
Неодамна пејачката отворено прозборе и за нејзините проблеми со менталното здравје, односно борбата со анксиозноста.
„Извесен период, неколку месеци не стапнав во студио. Одев само на терапија. Буквално не функционирав, не бев способна да работам.
Мојата анксиозност стана нешто што не ми дозволуваше да функционирам, нешто што ме изолираше. Мислам дека некогаш проблемите со менталното здравје можат да ве натераат да се изолирате, а потоа изолацијата дополнително ви го влошува менталното здравје. Тоа е како некој ужасен циклус кој се повторува“.
Камила вели дека благодарение на професионалната помош сфатила дека дел од нејзината терапија треба да биде и враќањето во студио и токму пишувањето и снимањето песни ѝ помогнало да направи значаен напредок.
Но, пејачката смета и дека до денес уште постои стигма за менталното здравје.
„На почетокот ми беше страв да зборувам за овие работи. Сметам дека уште постои стигма, можеби повеќе кај постарите генерации. Луѓето кои се на возраст како моите родители чувствуваат голем срам ако им треба терапија или ако се анксиозни.
Кога ќе спомнеш терапија, тие велат ’Не, не ми треба тоа, само ми треба повеќе слободно време‘. Очигледно, и тоа може да помогне, но само затоа што некој оди на терапија не значи дека нешто не е во ред со него.
Сите имаме аспекти од нас на коишто можеме да поработиме, сите имаме нешто што можеме да научиме и проблемите со менталното здравје не значат дека сме луди“.
Спирова С. | Црнобело