„Бевме мизерни сами заедно“ – Вил Смит открива зошто неверството е дозволено во неговиот брак
- Детали
- четврток, 30 септември 2021
„Почнавме да се гледаме со други откако сфативме дека сме мизерни сами“ - Вил Смит искрено зборува за отворениот брак со сопругата, двајцата имаат афери со трети личности за кои меѓусебно си даваат благослов.
Во интервју за ноемвриското издание на магазинот GQ, Вил Смит реши да прозбори за „отворениот“ брак со сопругата Џејда Пинкет Смит.
За славниот пар одамна е познато дека се во „отворен“ брак, односно без разлика на тоа што се заедно, можат да се гледаат и со други личности.
53-годишниот актер откри дека се одлучиле на овој чекор по многу години моногамна врска бидејќи и двајцата почнале да се чувствуваат мизерно.
„Бракот не може да биде затвор за нас“, гласи една од изјавите на Вил.
Актерот и Џејда се заедно речиси 24 години, а Вил нагласи дека сопругата никогаш не верувала во „нормален“ брак.
„Многу членови од семејството на Џејда имале неконвенционални врски. Па, таа е воспитана на поразличен начин од мене. Имавме безброј разговори за тоа што претставува совршенство во врската.
Кој е совршениот начин да функционираме како пар? Во поголемиот дел од врската во минатото, моногамијата беше нашиот избор.
Но, си дадовме доверба и слобода, со верувањето дека секој од нас треба да си го најде својот пат. А, бракот не може да биде затвор за нас“.
Актерот нагласува и дека не го препорачува ова за сите, бидејќи за некои луѓе, едноставно, моногамијата е најдобриот избор. Тој и Џејда решиле да пробаат да се гледаат со други луѓе откако сфатиле дека и двајцата се мизерни.
„Нашиот брак не функционираше. Повеќе не можевме да се преправаме. И двајцата бевме мизерни и очигледно нешто требаше да се промени“.
Не е познато кога точно парот се одлучил на овој чекор, но изминативе неколку години има многу гласини за потенцијални афери за кои наводно и двајцата си дале благослов.
Во продолжение нешто повеќе за необичниот љубовен живот на Вил и Џејда:
Вил сонувал за харем
Актерот изјави дека веројатно отсекогаш сонувал за неконвенционална врска, бидејќи уште во младоста посакувал харем.
„Идејата дека ќе патувам и ќе се грижам за 20 жени коишто ги сакам ми се чинеше како одлична идеја“.
Сепак, по неколку разговори со терапевт, сфатил дека веројатно ќе се чувствува многу лошо во таква ситуација.
И Вил и Џејда си „дале благослов“ да имаат афера со други луѓе
Гласините за неверствата во бракот на актерите кружат со години, а во 2013-та Џејда откри дека му дозволила на Вил да се гледа со други жени.
„Секогаш му велам на Вил ’Можеш да правиш што сакаш, сè додека потоа можеш да се погледнеш во огледало без да се засрамиш'. Јас сум негова партнерка, но тој е свој маж. Тој треба да одлучи со кого сака да биде, а не јас. Важи и обратното“.
Истата година Џејда се огласи и на Фејсбук, најмногу поради критиките од јавноста. Најчудното беше што тогаш тврдеше дека тие немаат отворен брак.
„Вил и јас можеме да правиме што сакаме бидејќи си веруваме. Ова не значи дека имаме отворена врска,туку дека имаме зрела врска“.
Во 2015-та актерката повторно ја збуни јавноста во врска со отворениот брак, изјавувајќи:
„Јас не сум овде да бидам чувар. Јас не сум негов чувар. Тој е возрасен маж“.
Аферата на Џејда со многу помлад маж
Минатата година Џејда призна дека имала афера со раперот Август Алсина кој е 21 година помлад од неа. Август е семеен пријател на Вил и Џејда, а наводно аферата почнала во 2017 година.
Тогаш Џејда беше остро критикувана од јавноста, најмногу бидејќи Вил изгледаше вистински повреден. Но, актерката тврдеше дека аферата била во период кога биле разделени со Вил.
Раперот, пак, изјави дека Вил му дал дозвола да биде со неговата сопруга, на што Џејда одговори:
„Единствената личност што може да ми дозволува сум јас самата“.
Неколку години претходно, во 2011-та, имаше и гласини дека Џејда имала афера со Марк Ентони кој тогаш беше во брак со Џеј Ло. Всушност, некои извори тврдеа дека биле „фатени на дело“ во семејниот дом на Џејда и Вил, но и двајцата ги негираа гласините.
Гласини за Вил Смит и Марго Роби
Вил призна дека имал врски со една или повеќе жени надвор од бракот, но одбива да открие за кој станува збор.
Во 2015-та се појавија гласини дека можеби станува збор за неговата колешка Марго Роби, но таа изјави дека никогаш не би се гледала со колега бидејќи само ќе си создаде проблеми.
Всушност, актерката неколкупати мораше да ги негира гласините за потенцијалната афера бидејќи многу извори тврдеа дека тие се премногу блиски на филмскиот сет (тогаш го снимаа филмот Focus).
Вил и Џејда тврдат дека се сакаат и почитуваат, но моногамијата не била за нив
Иако и двајцата имаат нејасни и на мигови контрадикторни изјави во врска со нивниот (отворен) брак, Вил и Џејда тврдат дека сега се среќни.
Според Вил, безусловната поддршка што си ја даваат, заедно со слободата што ја имаат, е всушност највистинската љубов.
Што мислите вие за бракот на Вил и Џејда?
Спирова С. | Црнобело