По три неуспешни врски и една откажана свршувачка, Аријана Гранде се венчаше во тајност со момчето Далтон Гомез
- Детали
- вторник, 18 мај 2021
По три неуспешни врски и откажаната свршувачка со актерот Пит Дејвидсон, Аријана Гранде конечно пронајде среќа со нејзиното 25-годишно момче Далтон Гомез. Пред половина година, младиот пар се вери, а сега и се венчаше во тајност, со интимна церемонија во близина на домот на пејачката.
Аријана Гранде и нејзиното момче Далтон Гомез се венчаа во тајност, со мала церемонија во близина на домот на пејачката.
Веста ја потврдил извор близок до парот:
„Се венчаа. Тоа беше мала и интимна церемонија – помалку од 20 луѓе. Просторијата беше исполнета со радост и љубов. Нивните семејства беа пресреќни“.
Според изворот, прославата се одржала во близина на домот на 27-годишната пејачка во Калифорнија, а наводно не е познато колку долго Аријана и нејзиното 25-годишно момче ја планирале венчавката.
Според друг извор, малата прослава не е поради пандемијата, туку Аријана и Далтон сонувале за мала венчавка уште откако се вериле:
„Тие отсекогаш сакаа интимна церемонија. Одлучија да се венчаат овој викенд бидејќи нивните распореди се натрупани, а повеќе не им се чекаше“.
Засега нема фотки од свадбата, но изворот вели дека просторијата била украсена со стотици бели и розови цветови:
„Беше прекрасно, но не претерано. Аријана сакаше едноставна, но убава венчавка. И на двајцата најважно им беше да бидат со семејствата и заедно да уживаат во посебниот момент“.
Аријана и Далтон се верија кон крајот на минатата година и често споделуваат заеднички фотки. Ја почнаа врската во јануари 2020 и поголемиот дел од пандемијата го поминаа заедно. Парот уште се нема појавено заедно во јавност, а Аријана соопшти дека се верија со фотка од прстенот што ѝ го дал Далтон.
За разлика од претходните момчиња на Аријана, Далтон не е јавна личност и работи како агент за недвижности. Според изворите, токму ова им помага да се држат понастрана од очите на јавноста – нешто што им годи и на двајцата.
Аријана имаше неколку сериозни врски пред Далтон. Во 2014 таа се гледаше со раперот Big Sean, а во 2015 со танчарот Рики Алварез.
Пејачката беше и во врска со раперот Мак Милер кој, за жал, почина во 2018 од предозирање. Аријана неретко го спомнуваше во нејзините песни, споделувајќи колку ѝ недостасува.
Извесен период, Аријана беше и во врска со актерот Пит Дејвидсон, со кого се вери по само неколку недели заедно. Тогаш пејачката издаде и песна насловена „Pete Davidson“.
Но, тие се разделија само неколку месеци подоцна, а бидејќи актерот си го избриша Инстаграм профилот, фановите шпекулираа дека раскинувањето сигурно било многу лошо.
Аријана, пак, во интервју од 2019, изјави дека ѝ било јасно дека врската со Пит нема да трае.
Сега пејачката се обидува да се држи понастрана од јавноста, особено кога станува збор за нејзината врска:
„Споделувањето на посебни, лични моменти од животот што те прават среќни може да биде многу трауматично. Знам дека престанав да споделувам лични работи за да ги заштитам саканите и себеси“.
Спирова С. | Црнобело