Најлошо чувана јавна тајна во музичката индустрија – R. Kelly, сексуален предатор, кој стапи во брак со 15-годишната Алија (фото)
- Детали
- сабота, 15 мај 2021
Човекот кој го дефинираше звукот на модерната R’n’B музика, креаторот на хитовите I Believe I Can Fly, Bump n' Grind, Step In the Name of Love и многу други, кој некогаш имаше богатство од над 100 милиони долари, денес има долгови од 2 милиони кои постојано се зголемуваат.
Во 2002 година, R. Kelly беше обвинет за детска порнографија, но не и осуден бидејќи поротата го ослободи.
Во моментов 54-годишната некогашна ѕвезда е во затвор и чека второ судење кое неколкупати се одложуваше поради корона вирусот, а се очекува да започне во август 2021 година.
Обвиненијата се слични – сексуална злоупотреба на малолетни девојки.
Некогашната ѕвезда која има 14 студиски и уште 3 албуми во соработка со славни рапери како Џеј-Зи, има дури 26 номинации и е добитник на 3 Греми награди во текот на неговата кариера.
Сепак, приватниот живот на пејачот е толку проблематичен што најголем дел од ТВ и радиостаниците во САД воопшто не ја пуштаат неговата музика, ниту видео-спотовите.
Тој е инспирацијата зад движењето #MuteRKelly кое саботираше и голем дел од неговите настапи и концерти, кои беа откажани поради упорноста и заложбите на поддржувачите на движењето.
Озборувањата за неговите врски и односи со малолетнички започнуваат во раните 90-ти години, а неговиот брак со младата ѕвезда во подем, Алија, која тогаш имаше само 15 години, беше склучен во 1994 година со лажна документација тврдејќи дека девојката е полнолетна.
Пејачот тогаш имаше 27 години, а бракот е поништен по само неколку месеци поради притисокот на родителите на Алија и фактот што девојката била сè уште малолетна.
2 години подоцна, во 1996 година, R. Kelly стапи во брак со танчарката и кореографка Андреа „Дреа“ Ли со која има 3 деца.
Таа како и многу други девојки истапи јавно со обвиненија за сексуална, физичка и емоционална злоупотреба, а после 13 години стави крај на нивниот брак. Во 2009 година таа и официјално се разведе и ослободи од кошмарот наречен R. Kelly.
Во меѓувреме, обвиненијата на сметка на пејачот воопшто не стивнаа.
Тој продолжил со сексуалното предаторство и манипулација, а голем дел од семејствата на девојките кои биле со него во неговиот дом го обвинија за „перење на мозокот“, тврдејќи дека ги држи против нивната сопствена волја, ги уценува, им се заканува и дека тие едноставно не можат да заминат од страв и т.н. „Стокхолмски синдром“ кој го чувствуваат.
Сите овие и многу повеќе детали се вклучени во документарниот филм Surviving R. Kelly кој содржи 2 дела кои излегоа во 2019, односно 2020 година.
Најзастрашувачкото е што многумина знаеле, дел од неговите вработени, менаџери, продуценти, сметководители и адвокати, а сепак никој не направил ништо.
И покрај неговиот генијален музички талент, за R. Kelly се вели дека е најлошо чуваната јавна тајна во музичката индустрија кога станува збор за многубројните обвиненија.
R. Kelly бил забавен, смешен, посветен, интересен, неверојатен талент… но Роберт Кели бил Ѓаволот.
(О)Милена | Црнобело