Од дијаманти од $6 милиони до златни крокс папучи – Славните го вратија гламурот на црвениот тепих на Оскари 2021 (фото)
- Детали
- понеделник, 26 април 2021
Хали Бери се појави првпат со нејзиниот дечко во впечатлива тоалета и со нова фризура, Зендеја го покажа извајаното тело и дијамантите од 6 милиони долари, Бред Пит ја промовираше машката пунџа, а Questlove оделото го комбинираше со златни крокс папучи - како изгледаше црвениот тепих на Оскари 2021?
По цела сезона виртуелни настани, доделувањето на Оскарите 2021 е меѓу првите гламурозни настани што ги собраа познатите личности на црвениот тепих.
Иако со намалено присуство, затоа што годинава присуствуваа само 170 гости наместо вообичаените 3.000, познатите не потфрлија во гламурозниот изглед.
Забележителни беа златните тоалети, како и тоалети во смели бои и кроеви. Годинава можеше да се забележи голема разнообразност, па така можевме да видиме и разголени божици, но и такви што гламурот го сведоа само на златни крокс папучи.
За време на доделувањето на престижните филмски награди годинава значајно беше тоа што се почитуваа мерките преземени за заштита од вирусот, па така и на овој настан важеа мерките за социјално дистанцирање, затоа значително беше намален бројот на поканети гости, но и на камери. Сепак, иако беа во намален број, камерите сепак успеаја да го доловат гламурот на црвениот килим.
Зад гламурозните тоалети на Кери Мулиган и Зендеја стоеше потписот на Валентино, а Зендаја аутфитот го надополни со дијаманти од 6 милиони долари. Хали Бери која беше една од презентерките годинава воодушеви со смелата тоалета со длабоко деколте, но и со новиот имиџ на косата (со краток боб и шишки).
Годинава, забележително е дека гламурот и раскошот беа нагласени со сѐ поголемото присуство на познати личности облечени во златна боја. Меѓу познатите во златна боја се појавија Андра Деј, Кери Мулиган, како и Лесли Одом Џуниор кој се појави во одело направено од ткаенина потопена во 24-каратно злато.
Квестлов (Questlove) или официјалниот ди-џеј на годинешното доделување на Оскарите, стана „топ тема“ со тоа што својот едноставен изглед од блејзер, кошула и пантолони го надополни со златни крокс-папучи вредни околу 55 долари.
Во продолжение погледнете ја фото-галеријата од славните на црвениот тепих годинава:
Б. С. Б. | Црнобело