Мајли Сајрус: „Консумирав дрога, се сликав гола, но не го изневерив Лиам, го сакам!“
- Детали
- петок, 23 август 2019
Мајли на Твитер комплетно се разголе емотивно и проговори за разводот со Лиам, а нејзиниот твит собра аплауз од многумина, меѓу кои и од Мадона.
Мајли Сајрус на Твитер се огласи за да стави крај на гласините дека 7-месечниот брак со Лиам Хемсворт и 10-годишната романса ѝ пропаднала поради неверство.
26-годишната поп пејачка огнено тврди дека не го изневерила актерот.
„Можам да прифатам дека животот што го избрав значи дека мора да живеам комплетно отворено и транспарентно со моите фанови кои ги сакам и со јавноста 100% од времето. Тоа што не можам да го прифатам е што ми велат дека лажам за да прикријам злосторство кое не сум го направила. Немам што да кријам“, е твитот на Мајли со кој нагласува дека нејзиниот брак не завршил поради неверство.
Таа на Твитер продолжува да раскажува искрено за нејзините луди забави во тинејџерските и раните 20-ти години, консумирањето марихуана, експериментирањето со други видови дрога, правењето линии со кокаин во тоалетот, изневерувањето во врските кога била млада, правењето скандали од типот на лижење торта во форма на пенис за роденденот на Лиам, стотиците голи фотографии од неа на интернет и што уште не, но нагласува дека кога Лиам и таа се смириле била комплетно посветена на нивниот однос и навистина го мислела тоа, немала тајни и научила од искуствата.
На крај Мајли порачува дека донела здрава одлука во животот да го остави поранешниот живот зад себе и сега е здрава и среќна, како што не била многу одамна.
Инаку, неодамна Лиам пополни документи за развод од Мајли и процесот е во тек.
С. С. | Црнобело