Од гаѓање со јајца до вадење пиштол: Ѕвезди кои не би ги посакале за соседи
- Детали
- петок, 20 април 2018
Ви се чини супер идеја да живеете во близина на славна личност? Нивните тероризирани комшии не мислат така.
Лошите соседи се прилично напорни, зар не? Ви го нарушуваат мирот со поплаки, под око ве гледаат, не се поздравуваат, до доцна галамат...
Откако ќе прочитате што им прават познатите фаци на своите комшии, ќе сфатите дека и од лошите има полоши. А, можеби и ќе ги засакате вашите (барем малку!?).
Ѕвезди кои не би ги посакале за соседи се:
Дрејк
Во една од песните, Дрејк го рапува стихот: „Ќе им ја купам куќата на комшиите, ако се пожалат за вревата.“ Речено-сторено.
Во 2016 година, соседите од Хиден Хилс, Калифорнија, повеќепати се побуниле против постојаните гласни журки на пејачот. Наместо да ја намали буката, тој ги исели.
Издвоил речиси 3 милиони американски долари од џебот, купувајќи им ја куќата, којашто се наоѓала веднаш до неговиот дом. Ќе било далеку поевтино да ја стиши музиката, но што се неколку милиончиња за една каприциозна и пребогата ѕвезда?
Џастин Теру
Во 2017 година, соседот на глумецот и Џенифер Анистон, јавно се пожали дека тој и неговата сопруга се „тероризирани“ од наводното „дрско однесување“ на Џастин Теру.
Првин го поплавил њујоршкиот стан при реновирањето, по што водата се одлеала во дневната соба на соседот, предизвикувајќи појава на мувла. Поради настанатите здравствени проблеми, принуден бил да пие лекови.
Понатаму, тврдеше дека Теру трескал тешки предмети на подот во раните утрински часови, а додаде и дека кучињата на ѕвездата непрестајно лаеле, затоа што редовно ги оставал незгрижени.
Конфликтот помеѓу двете страни ескалираше, па завршија на суд. Сега Џастин е тој што бара 350.000 долари заради вознемирување.
Мадона
Во 2009 година, сосетката на поп кралицата покрена процес против Мадона. Причината? Нејзиниот стан во Њујорк, каде што таа живее од 1980-тите, музичката ѕвезда си го користела и како „сала“ за држење проби пред концертите.
Поднесените поплаки беа поради прегласна музика, тропање по подот и тресење на ѕидовите, како и „неподнослива" врева. Наспроти заложбите на Мадона да се „стиши“, комшиката и понатаму не беше задоволна.
Од друга страна, пејачката тврдеше дека бучавата никогаш не била над дозволените нивоа. Одборот на зградата се согласи со неа, но судовите не беа толку сигурни.
Битката се влечеше две години, додека Мадона не најде друг простор за вежбање во 2011 година.
Џастин Бибер
Џастин Бибер е вистински „комшија од пеколот“. Познат е по одржувањето гласни и луди забави до раните утрински часови. Исто така, пејачот ужива да ги вози спортските автомобили со огромна брзина, па си прави бесни „крукчиња“ низ соседството.
А, ако некој се осмели да се побуни против таквото однесување, треба да биде спремен за соочување со неговиот бес. По неколку претходни расправии со соседот, лутиот Бибер му ја гаѓаше куќата со јајца.
Конечниот епилог не беа само лушпи пред прагот од домот, туку и предизвикана материјална штета од 20.000 долари.
Судот во Лос Анџелес го осуди за вандализам, одредувајќи му условна казна од 2 години, пет денови општествена работа и наредба да исплати отштета во износ од 80.000 долари.
Кети Пери
Нивната врска е можеби засекогаш готова, но Кети Пери и Џон Мајер вистински уживале дури траела. Сведоци се холивудските соседи на пејачката и нејзиното поранешно момче, кои слушале „директен пренос“ од нивните активности во спалната соба.
Додека двајцата беа заедно, соседите непрестајно се жалеа дека нивните љубовни сесии се премногу бучни. Наводно, двојката обожавала да има „гласни“ игри во креветот до ситните ноќни часови, па од домот постојано им одекнувале вресоци и извици на задоволство.
Не е случајност што Пери го рангираше токму Џон како свој најдобар сексуален партнер во едно интервју.
Тејлор Свифт
На пејачката, пак, воопшто не ѝ беше гајле дали нејзините соседи ќе можат да одат на плажа, сѐ дури таа може да го прави истото. Во 2013 година, Тејлор Свифт почна да гради огромен ѕид околу нејзиниот замок, преместувајќи тони карпи од крајбрежјето.
Со ѕидот им го оневозможи пристапот до плажа на локалните жители, а сурферите од областа, пак, тврдеа дека ги нарушила брановите. Одбраната на Тејлор Свифт беше дека сè што таа прави е легално, како и дека изградила ѕид на место каде истиот постоел пред повеќе декади, но бил уништен низ времето.
Парис Хилтон
Богатата наследничка била толку ужасна личност за соживот, што соседот лично му понудил пари на сопственикот да ја избрка. Во 2009 година, анонимен сосед тврдеше дека Парис Хилтон му го „уништувала“ животот.
Тогаш старлетата беше штотуку доселена со нејзиното момче Даг Реинхард. Соседот напишал писмо до газдата на имотот што парот го изнајми. Му понудил да дава 5.000 долари повеќе од сумата што тие ја плаќале, односно 27.000 долари месечно, само да ја избрка Хилтон на улица.
Проблемите започнале една недела по вселувањето со Реинхард. Тие правеле екстремно бучни забави, викале, врескале и вандално се однесувале, па повеќепати им викале полиција на домашната адреса.
Халк Хоган
Во 2005 година, на соседите на Халк Хоган им дошло преку глава од големиот број на фармски животни, коишто тој ги одгледувал во неговиот дом на Флорида. Дел од нив, почувствувале дури и потреба да се преселат.
Одговарајќи на бројните жалби за „гласна и честа бучава и нехигиенска смрдеа", полицајците отишле во куќата на борачот за да го истражат случајот. Откриле дека поседува пет кокошки, еден петел, шест кучиња, една мачка, повеќе кафези со птици и ласица.
Иако ја поседувал потребната дозвола, соседите сѐ уште се вознемирувале. Сепак, дури тие си мислеа дека животните се најстрашното нешто кое може да им се случи, набрзо им следуваше грубо „будење“.
На нивна жал, Хоган почна за кратко време да го снима и своето реално шоу во истата куќа.