Пред да го освои Меган: Со кои девојки се забавуваше принцот Хари?
- Детали
- петок, 01 декември 2017
Пејачки, глумици, манекенки, водителки. Списокот на неговите поранешни партнерки е навистина долг и интересен. Mожеа да бидат принцези, но прстенот ѝ го даде на само една жена.
Најбунтовниот член на британското кралско семејство конечно се смири. Секако, најзаслужна е жената која успеа да го зароби срцето на Хари, но и да го натера да се скраси покрај неа. Нејзиното име е Меган Маркл.
Пред да ја запознае американската актерка, принцот имаше прилично бурен љубовен живот. Долго време важеше за срцекршач и еден од најпосакуваните ергени помеѓу познатите дами, но и обичните „смртнички“ ширум светот.
Го поврзуваа со многу други глумици, пејачки, манекенки, водителки. Дел од нив му беа само љубовници и краткотрајни авантури, за кои никогаш официјално не потврди дека имал било каков однос.
Но, со некои беше и во повеќегодишни сериозни врски, па многумина претпоставуваа дека можеби тие ќе станат дел од кралското семејството. Сепак, ниту една од неговите бивши партнерки немаше среќа тој да клекне на коленици пред неа, па да ѝ го постави судбоносното прашање.
Во продолжение, дознајте нешто повеќе за девојките со кои се забавуваше принцот Хари:
Ели Голдинг
Последната авантура која принцот ја имаше пред врската со Меган Маркл, беше со познатата британска пејачка Ели Голдинг. Иако својата врска никогаш официјално не ја потврдија, тие интензивно се дружеа во периодот од 2014 до 2016 година. Наводно, видени се и како се бакнуваат на еден спортски настан.
Џена Колман
Во меѓувреме, Хари беше во врска со глумицата Џена Колман, која ја запознал на социјален настан во 2015 година. Многумина забележаа дека таа неодоливо потсетува на војвотката Кејт Мидлтон, сопругата на неговиот брат – принцот Вилијам.
Кресида Бонас
Кресида беше најсериозната последна девојка со која се гледаше принцот, па сите претпоставуваа дека ќе стане и негова жена, но очигледно погрешија. Со британската глумица, танчарка и манекенка, Хари беше во врска од 2012 до 2014 година. Ги запознала неговата роднина, принцезата Јуџин. По раскинувањето, Кресида призна дека се чувствувала како „птица во кафез“ додека се забавувала со него, како и дека тоа не било нималку добро за нејзиниот пробив во актерските води.
Моли Кинг
Во 2012 година, членката на музичката група The Saturdays, самата ги пушти гласините за врска со принцот, откако на медиумите им изјави дека биле на пијачка. Се разбира, тоа воопшто не му се допадна на Хари, па веднаш ѝ даде „шут-карта“.
Флоренс Бруденел - Брус
Кон почетокот од 2011 година, Хари беше во кратка врска и со англиската манекенка Флоренс Бруденел - Брус, а раскинаа бидејќи тој имаше премногу обврски на обуката за пилоти во британската војска.
Каролин Флек
Телевизиската водителка, која едно време се поврзуваше и со младиот музичар Хари Стајлс, изјави дека во 2009 година имала кратка авантура со принцот, кого го запознала преку заеднички пријатели. На таа тема пишуваше и во својата книга, каде откри дека раскинале кога нивната врска станала јавна.
Челси Дејви
Таа беше првата голема љубов и една од девојките со која принцот помина најмногу време. Хари и Челси се запознале на колеџ, а со прекини се забавуваа од 2004 до 2010 година. Дури и после нивното последно раскинување, таа беше поканета како гостинка на венчавката на Вилијам и Кејт.
Натали Пинкхам
Иако никогаш официјално не беа заедно, британската ТВ водителка честопати го придружуваше Хари при посетите на барови и клубови, почнувајќи од 2003 година. Медиумите известуваа дека принцот е сосема „маѓепсан“ од неа. Откако страстите се стивнаа, тие и понатаму останаа во пријателски односи.
Астрид Харборд
Астрид ѝ е пријателка на Кејт Мидлтон, а се спекулираше дека е во врска со Хари, откако во 2009 година ги „уловија“ папараците при ноќно излегување во Лондон. Астрид беше затекната на задното седиште од автомобилот со Хари, додека се искраднуваа од неговата резиденција.
Камила Роместранд
Откако раскина со Челси Дејви, принцот наводно пронашол утеха во прегратките на норвешката пејачка Камила. Во 2012 година, таа за CBS изјави дека поминала една ноќ во палатата, како и дека тој ѝ направил појадок. Но, Хари тоа никогаш не го потврди.
Кејси Самнер
Во 2004 година, британската глумица и манекенка тврдеше дека имале секс за една вечер со Хари, кога тој беше на 19-годишна возраст. Приказната за нивната афера им ја раскажа на медиумите до најситните детали, но принцот никогаш не ја потврди вистинитоста.
М. А. | Црнобело