По светскиот хит се откажа од 10 милиони долари и од славата: Каде е денес Готје, пејачот „што некогаш го познававме“?
- Детали
- недела, 21 јули 2024
Пејачот Вутер Андре де Бакер, познат под уметничкото име Готје, се прослави со хитот Somebody That I Used to Know во 2011 година. Но, славата не го опи, па тој се откажа од 10 милиони долари тантиеми од Јутјуб, и дозволи неговите песни да се користат бесплатно. Каде е денес Готје?
Белгиско-австрискиот музичар, пред да го направи планетарниот хит Somebody That I Used to Know („некој кого го познавав“) со новозеландската пејачка Кимбра, имаше завидна кариера во Европа и три студиски албуми, а сепак не беше премногу познат.
Но, со песната стекна светска слава, а спотот за неа е еден од најгледаните во историјата на Јутјуб, сo 2,3 милијарди прегледи.
Од ова, Готје требало да заработи преку 10 милиони долари во тантиеми, но тој се откажал од авторските права и дозволил делови од неа, но и од другите негови песни, да може да се користат бесплатно на разните интернет платформи.
Што знаеме за Готје и каде е денес?
Со музика се занимава од дете, кога почнал да покажува страст за свирење инструменти.
Прво научил да свири клавир и тапани, а денес посветува голем дел од времето на учење да свири на нови инструменти.
Повеќе сака андерграунд отколку мејнстрим музика, па по огромниот хит реши наместо да гради светска кариера, да прави песни за себе и за одбрана публика.
Во својата долга кариера беше номиниран и за Греми награда, и тоа во три категории (за песна, поп дует и алтернативен албум) и ги освои трите признанија.
По ова, Готје се врати на својот стар бенд The Basics, па сега таму е и пејач и тапанар.
Со нив, досега објави 5 албуми.
Запрашан зошто се повлече во екот на славата и од парите, тој рече дека сакал да има повеќе време за приватниот живот.
„Сакам да поминувам време со сопругата и ќерката, да научам да свирам на уште некој инструмент и да им помагам на непознатите уметници да се пробијат“, изјави Готје.
А. Ј. | Црнобело