„Беше како зомби, плачеше“: Тажни детали од последните години од животот на Авичи во нов документарец
- Детали
- вторник, 11 јуни 2024
„Знаев дека пие лекови против болка за да ја смири анксиозноста, но тие само му ја влошуваа. Очите му беа широко отворени, како на зомби“, вели пријател на Авичи за последната година од животот на диџејот, кој самиот си го одзема.
Во 2018-та, на само 28-годишна возраст, светски познатиот диџеј Авичи си го одзеде животот, по макотрпна битка со зависности и проблеми со менталното здравје.
Песните на шведскиот диџеј до денес важат за хитови, но се чини дека токму огромната популарност била пресудна за неговата одлука да посегне по животот.
Сега, во јуни годинава, е издаден нов документарец за диџејот – „Avicii – I’m Tim“ – направен од шведски продуцент и режисер, кој се фокусира на последните години од животот на диџејот.
Во документарецот има и инсерти од интервјуа со диџејот, направени кратко пред неговата трагична смрт.
Пред самиот крај, диџејот бил како „зомби“, а текстовите на неговите последни песни биле како повик за помош, барем така сметаат неговите сакани.
Во документарецот, диџејот самиот вели дека „се убивал себеси“ со постојаното одење на турнеи, а никогаш не посакувал таков начин нс живот.
Авичи се прослави пред да наполни 20 години и во период од шест години настапуваше над 800 пати. Некогаш настапувал и во два града во иста ноќ.
Во 2016-та, на 26-годишна возраст, беше присилен да престане со настапи поради здравствените проблеми, но и проблемите со зависност од дрога и алкохол.
Документарецот се фокусира и на детството на диџејот кој пред да се прослави, речиси и да не го напуштал неговото соседство во Стокхолм.
Имал само два-тројца блиски пријатели, а соучениците го помнеле како момче кое сака компјутери.
Во средно, Авичи почнал да прави песни и да ги објавува на музички блогови, по што бил забележан од шведски промотор кој му рекол дека ќе го направи ѕвезда.
Една година подоцна, Авичи беше сензација.
Со објавувањето на хитот Levels во 2011-та Авичи стана светска ѕвезда, а до 2013-та бараше и по 750.000 долари за настап.
Но, настапите не биле воопшто лесни за интровертниот Авичи.
„Сфатив колку сум напнат кога не пијам. Па, најдов волшебен лек – неколку пијачки пред настап за да се опуштам. Користев сè што можев да најдам.
Сфатив дека можам да настапувам цела недела, дека цела година можам да одам на турнеи. Се убивав.
Одењето на турнеи стануваше полудо... Од тој момент, сè се случуваше премногу брзо“, вели диџејот во документарецот.
Во 2012-та диџејот бил хоспитализиран за панкреатитис. Тогаш му рекле дека мора да престане со пиење најмалку шест месеци, во спротивно телото нема да му закрепне.
На Авичи му било тешко да го следи ова правило и во својот дневник самиот признава дека ги слушал само лекарите кои му рекле дека е во ред да пие, но умерено.
Следната година, диџејот пак завршил во болница од истата причина, а притоа и драстично ослабел.