„Беше како зомби, плачеше“: Тажни детали од последните години од животот на Авичи во нов документарец
Во документарецот, диџејот вели дека бил свесен дека непослушноста кон докторите ќе има последици.
„Бев многу посреќен пред да станам славен… Се чувствував многу несреќно. Почнав да се прашувам зошто се чувствувам така.
Глумев дека ми е добро. Не си дадов време да размислам дали има нешто што сакам да променам“.
Во наредните години, Авичи бил однесен во болница уште двапати за испирање на желудникот поради пиење многу алкохол и лекови.
Татко му открива дека диџејот бил гневен кога семејството решило да разговара со него, но се согласил да оди во центар за рехабилитација на Ибица.
Пријател на диџејот вели дека сериозно почнал да се грижи за него откако се вратил во Стокхолм и биле на вечера.
„Тогаш сфатив дека користи лекови против болка. Пораснав во семејство на зависници и знаев како им се менуваат очите на луѓето кои земаат опијати. Како им се менува малиот црн дел од очите.
Очите на Авичи беа отворени како на зомби. Му се менуваше изгледот и очите му се прошируваа.
Тие апчиња го менуваат начинот на однесување. Авичи ги користеше за да ја потисне анксиозноста, но апчињата само му ја влошуваа“.
Во интервјуто споделено во документарецот, Авичи зборува за анксиозноста што ја чувствувал:
„Ја чувствував физички. Како камен во стомакот. И, беше постојана емоција.
Одев на психијатри, лекари, пробував диети… но тоа не беше вистинскиот проблем.
Проблемот е што јас пробував да бидам личност којашто не сум. Сакам да се ослободам од замислата за тоа како треба да го живеам животот“.
Иако Авичи вели дека бил среќен кога во 2016-та престанал со настапи, неговите блиски биле свесни дека не се чувствува добро.
Всушност, еден ден пред смртта, негов пријател му се јавил на татко му бидејќи бил загрижен.
Му рекол дека Авичи плаче, не зборува, одбива да јаде и само седи на сонцето.
Пејачот кој пее во хитот Wake Me Up вели дека Авичи веројатно ја користел музиката за да ја сподели својата болка.
„Се прашувам што го натерало да го напише текстот на SOS, што ли мислел кога ги пишувал првите стихови?“
Првите стихови од песната се „Можеш ли да ме слушнеш? СОС, помогни ми да си го смирам умот“.
Авичи беше пронајден мртов на 20-ти април 2018 година. На почетокот не беше позната причината за смртта, но набрзо потоа неговото семејство соопшти дека извршил самоубиство.
Спирова С. | Црнобело