„Сега само сакам да се забавувам“ – Рики Мартин се огласи по разводот + факти за неговиот пропаднат брак со Џуан Јозеф
- Детали
- сабота, 12 август 2023
„Бев 7 или 8 години со Џуан. Сега само сакам да се забавувам. Сакам да уживам во животот“ – изјави неодамна Рики Мартин и откри дека со сопругот одлучиле да се разведат уште пред пандемијата. Што знаеме за нивниот брак и како од планови за 4-дневна свадба стигнаа до развод?
Минатиот месец светски познатиот пејач Рики Мартин (51) објави дека по 6 години брак се разведува од неговиот сопруг Џуан Јозеф (38).
Нивниот брак беше постојано во фокусот на јавноста, иако тие двајца се трудеа максимално да го држат приватниот живот подалеку од очите на јавноста.
Неодамна Рики Мартин даде изјава за шпанските медиуми каде отворено зборуваше за разводот и рече дека тој и Џуан разделбата ја планирале со години.
„Кога јавноста дозна за разделбата, веќе имавме поминато низ процесот на жалење. Џуан и јас секогаш ќе бидеме семејство. Имаме две деца за кои ќе продолжиме да се грижиме заедно и оваа одлука не е ненадејна.
Ја планиравме оваа ситуација, многу долго, уште пред пандемијата“ – рече тој.
Како што вели, тој и неговиот поранешен сопруг се во добри односи и се разделиле на пријателски начин.
„Се гледаме во очи и се смееме, се прегрнуваме и заедно ги минуваме подемите и опадовите, плачеме заедно и се смееме заедно“ – рече Рики за Telemundo.
Рики додаде и дека е среќен затоа што нивните деца никогаш не ги виделе како се расправаат, а сите проблеми ги решавале со разговор во нивната соба.
За крај, пејачот рече дека сѐ уште верува во љубовта, но знае дека сега не е вистинското време за повторно да стапи во брак.
„Полека малку! Бев 7 или 8 години со Џуан. Сега само сакам да се забавувам. Сакам да уживам во животот.
Да, се гледам себеси во друга врска. Не зборувам за блиска иднина, но сакам да бидам вљубен и да бидам во врска, сакам да се будам наутро со бакнеж, појадок и разговор“ – рече Рики.