Музичко патување со НУ Камерен Оркестар на Битола и Антонио Илиоски

Во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола, на 14.04.2025 се одржа вториот концерт од годишната програма на НУ Камерен Оркестар на Битола.

muzichko-patuvanje-so-nu-kameren-orkestar-na-bitola-i-antonio-ilioski-02.JPG

Под диригентската палка на Владимир Димовски, оркестарот уште еднаш докажа зошто со години е еден од водечките оркестри во земјата. Вечерта беше збогатена со настапот на исклучителниот виолончелист Антонио Илиоски, кој со својата интерпретација на Концертот за виолончело од Елгар ги воодушеви присутните.

Концертот започна со „Серенада за гудачи“ од Едвард Елгар – дело со благородна меланхолија и британска елеганција, каде оркестарот прецизно ја пренесе суптилната динамика и топлина на композицијата. Следеше Концертот за виолончело од истиот композитор – едно од најемотивните дела во литературата за виолончело, полно со длабочина, лична рефлексија и драматичен контраст, маестрално изведено од младиот Антонио Илиоски со зрелост што ретко се среќава.

muzichko-patuvanje-so-nu-kameren-orkestar-na-bitola-i-antonio-ilioski-3.JPG

Во вториот дел од концертот беа изведени извадоци од легендарната музика за сценската драма „Пер Гинт“ од Едвард Григ. Публиката уживаше во емотивната „Песна на Солвејот“, трагичната „Смртта на Аса“, разиграната „Танцот на Анитра“, како и во познатата и енергична „Во пештерата на планинскиот цар“, која ја заокружи вечерта со драматичен кулминациски ефект.

muzichko-patuvanje-so-nu-kameren-orkestar-na-bitola-i-antonio-ilioski-04.JPG

Под диригентската палка на Владимир Димовски, оркестарот уште еднаш покажа уметничка зрелост, прецизност и емоционална длабочина. Димовски, кој е и еден од основоположниците на современиот облик на оркестарот, повторно го водеше оркестарот со инспирација и музичка визија. Додека пак, младиот Антонио Илиоски веќе познат на македонската музичка сцена, уште еднаш потврди дека е едно од најсветлите имиња на македонската класична музика.

muzichko-patuvanje-so-nu-kameren-orkestar-na-bitola-i-antonio-ilioski-06.JPG

За настапот, Илиоски изјави:

„Како солист на Концертот за виолончело од Елгар со камерен оркестар, чувствував огромна одговорност да ја пренесам емоцијата и длабочината на ова магично дело. Од првиот такт, музиката ме потонува во богатите контрасти помеѓу интимните моменти и лавина на емоции кои ги изразува секоја нота. Во соработката со оркестарот, се создаде безвременска врска, каде што секој такт носеше ново значење и ги исполни срцето и душата. Целото искуство беше како патување низ најфини и најинтензивни делови од човечката природа, нешто што е невозможно да се опише, туку само да се почувствува.“

muzichko-patuvanje-so-nu-kameren-orkestar-na-bitola-i-antonio-ilioski-05.JPG

Овој концерт е втор од годишната програма на оркестарот, која продолжува со уште два концерти во текот на месец мај. Следуваат уште многу вечерни концерти со музика и емоција, кои НУ Камерен Оркестар на Битола со љубов ги споделува со својата публика.

muzichko-patuvanje-so-nu-kameren-orkestar-na-bitola-i-antonio-ilioski-07.JPG

muzichko-patuvanje-so-nu-kameren-orkestar-na-bitola-i-antonio-ilioski-08.JPG

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg