Што е кредитна историја и како да ја задржите на добро ниво?

Добрата кредитна историја и кредитниот рејтинг се од суштинско значење за да се квалификувате за финансиска услуга, без разлика дали станува збор за кредит или друг вид на финансиски производ. Тоа покажува дека сте совесен и подобен кредитобарател, што ја олеснува соработката со финансиските институции.

shto-e-kreditna-istorija-i-kako-da-ja-zadrzhite-na-dobro-nivo-01.jpg

Секое лице кое барем еднаш купило производ на рати, земало кредит од финансиска институција, плаќа обврски кон државата, односно има редовен однос кон даватели на услуги, има кредитна историја, односно кредитен рејтинг. Кредитниот рејтинг се креира базирано на кредитната историја, и ја отсликѕва моменталната состојба, кое може да се влоши или подобри преку финансиските навики.

Советите за одржување на добар кредитен рејтинг се многубројни и разновидни, но експертите обично издвојуваат девет препораки, кои ги сумиравме во оваа статија. 

1. Златното правило - Плаќајте ги вашите кредити и обврски на време. Навремената исплата на долговите е еден од најдобрите начини да им докажете на финансиските институции дека сте кредитобарател со низок ризик и дека ќе можете да ги исполнувате вашите финансиски обврски. Колку е помал ризикот, толку подобри и поповолни услови за кредит ќе добиете.                                 

2. Внимателно следете ги роковите за отплата. Еден едноставен начин е да поставите потсетници кој ќе ве потсетуваат на денот кога соодветната обврска за долг се приближува.  Друг корисен трик е да поставите  автоматски отплати, т.н „трајни налози“. Ова ќе ве осигура дека наведената сума пари ќе биде пренесена за подмирување на доспеаната обврска, секој месец на истиот ден.

3. Изградете кредитна историја. Понекогаш, лицата кои за прв пат аплицираат за кредит, а кои немаат претходна кредитна историја, може да се сметаат за баратели со висок ризик. Поради тоа, за да имате добар кредитен рејтинг, мора да покажете навика на добро управување со обврските и  отплатата на кредитните производи на подолг временски период.

4. Намалете ги вашите постојни обврски пред да преземете нови. Пред да издадат кредит, финансиската институција секогаш го оценува соодносот на приходот кон постојните кредитни обврски. Ова се нарекува сооднос на долг кон приход (DTI). Финансиската институција може да одбие да го издаде кредитот ако вашите кредитни обврски го надминуваат овој процент. Обидете се да не зафатите повеќе од 40-50% од вашиот месечен нето приход за вашите кредити. Ако забележите дека обврските опфаќаат поголем дел од вашите приходи, обидете се да ги намалите истите навреме.

5. Аплицирајте само за потребниот кредит. Само затоа што кредитот е понуден, не значи дека треба да го прифатите. Не аплицирајте за повеќе кредити во краток период. Земањето големи суми  во краток временски период е знак на висок кредитен ризик и неадекватно управување со финансиите.

6. Не земајте нов кредит за покривање на друг. Под никакви околности не треба да земате нов кредит за да ги решите привремените проблеми со исполнување на финансиските обврски кои произлегуваат од веќе земениот кредит. Новиот кредит е дополнителна тежина на вашите финансии и може да доведе до уште поголеми потешкотии во исплатата на обврските. Ако имате проблеми со плаќањето, веднаш исконтактирајте ја вашата финансиска институција за да договорите промени во распоредот на отплата или да најдете решение за одложени плаќања.

7. Следете ги вашите трошоци. Секогаш следете ги трансакциите на вашите платежни картички и расположливата готовина во вашиот паричник. Ова ќе ви помогне поуспешно да ги планирате дневните трошоци, да изградите стабилни заштеди и да не се изложувате на неочекувани ризици.

8. Не достигнувајте го вашиот кредитен лимит. Ако сте блиску до надминување на вашиот кредитен лимит, преиспитајте го вашето трошење. Одржувањето на стапката на искористеност на кредитната картичка под 30% може да ви помогне да го максимизирате вашиот кредитен резултат.

9. Штедете. Не заборавајте редовно да штедите најмалку 10-20% од вашиот месечен приход или обидете се да создадете сигурна основа од 3 до 6 месечни плати. На тој начин, ако ја изгубите работата или имате значителен, непредвиден трошок, не морате да земете повеќе од што сте спремни да отплатите.

Овие  препораки сигурно ќе ви помогнат подобро да ги планирате вашите обврски и да го подобрите вашиот кредитен рејтинг, но сепак, тие не се гаранција во секое време ќе имате најдобри услови за кредит. Секој одговорен кредитор го проценува износот на приходите, стабилноста на приходите, возраста, во некои случаи и  приходот на домаќинството, како и  други критериуми кои можат да влијаат на кредитот. Имајте на ум дека градењето добра кредитна историја и кредитен резултат е маратон и процес со многу варијабли. Кон планирањето на личните финансии и кредитните обврски мора да се пристапи промислено и одговорно.

Информациите содржани во рамките на алатката за финансиска едукација служат само за информативни цели. Корисникот на алатката секогаш треба да прави сопствено истражување и да бара стручен совет за да се осигура дека дадените препораки се соодветни за нивната лична ситуација. Секое потпирање на дадените информации е исклучиво на лична одговорност на читателот.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg