Ивана Дамовска предвесник на модата: Облечете широка насмевка и цврсто чекорете низ животот
- Детали
- четврток, 10 октомври 2024
Ако случаjно ја видите по скопските улици или кафулиња ќе ја препознаете по широката насмевка, се разбира ќе морате да се свртите уште еднаш кога ќе ве одмине зашто ќе сакате да запаметите барем еден детаљ од тоа што носи на себе, зашто верувајте- тоа сигурно ќе биде тренд во престојната сезона.
Ивана Дамовска секогаш е тип-топ средена, на себе сеуште ја има благоста, спокојството и одмереноста со кои зрачеше уште во детските денови, (пред 25 години), кога со години ја водеше емисијата на “Детски начин” на телевизија Сител, подоцна и “Севентин”. Сега таа достоинствено чекори низ животот, советник е во Министерство за култура и туризам, велат вистински професионалец во работата, извонреден пријател, но и посветена мајка на Андреј кој има девет години.
Како ти успева секогаш, каде и да си, да бидеш соодветно облечена?
Ивана: Се е во добрата организација. Тоа значи дека ако имате план каде ќе се движите оваа седмица, дали ќе одите само на работа, дали можеби имате планиран концерт, вечера со пријатели, и секако ако два пати во неделата го носите детето на музичко училиште, односно ја знаете речиси целата агенда тогаш многу лесно е да одберете соодветна облека. Секако, потребно е сето тоа да се стави во фаза кога ќе биде на закачалка. Е, за тоа можеби понекогаш ќе ви треба помош, но тоа се веќе технички работи кои брзо ги решавам.
Значи успева, иако целосниот изглед не зависи од облеката туку и фризурата, односно дали косата е чиста и средена и секако, најмногу од расположението.
Чантите и чевлите ти се фетиш. Дали ги собира во твојот орман?
Ивана: Чевли и чанти не се многу никогаш. Обожавам да ги имам во сите бои. Носам високи потпетици,рамни чевли или патики. Тие помеѓу не се мој избор. Со леснотија ги носам високите речиси исто како патиките. Најважно ми е да се удобни, да имаат добар пад и да се квалитетни. Си ги почитувам нозете и на нивниот избор посветувам големо внимание.
Може да се забележи дека облеката најчесто ти е брендирана. Каде и колку често купуваш облека?
Ивана: Има ли жена која не сака убаво и прикладно да е облечена?! Поентата на доброто облекување не е дали облеката е брендирана или не. Многу е важно да си го познавате телото, да знаете кои делови од телото сакате да ги истакнете, да открите кои бои ви прилегаат на важиот тен, каква должина ви прилега - мини или фустан под колена, дали паталоните треба да бидат ѕвонести или прави. Сето тоа е поважно од дали нешто е брендирано или не. Брендираното е некаква гаранција за квалитет. Но брендираната облека не е гарант дека беспрекорно ќе изгледате! И таа има број и крој и е наменета за одредена конституција. Крајниот резултат е најважен а тоа значи додека ја носите да се чувствувате убаво и вие и тие кои се со вас.
Често патувам и сакам некој дел од денот, барем 2-3 часа да одвојам да прошетам и да ги видам излозите во градот во кој престојувам. Радосна сум кога ќе си го купам тоа што ми се допаднало, особено ако тоа го нема во нашите продавници. Сакам дизајнерски парчиња особено на скандинавските модни креатори. Но никогаш не купувам по секоја цена.
Дали во твојот орман имаш парчиња облека од македонски дизајнери?
Ивана: Со големо задоволство избирам да носам македонски дизајнери особено кога одам во странство. Горда сум дека се во чекор со светската мода. Две дизајнерски имиња ми се фаворити. Ја обожувам нивната креативност и совршена изведба. Перфекни се делата на Јована Филиповиќ и на Антонија Ристевска. Врвни. Ги избирам за специјални прилики и со најголема радост ги носам. Му се одушевувам и на Никола Ефтимов.
Замреа модните недели кај нас, модните дизајнери ги ставија на маргините, а тие и покрај таквата состојба возвраќаат со креативност. Но, секогаш е време за средба на тие со желба за посебност, за уникатност и уметниците на невозможното кога станува збор за облеката.
Накитот секогаш ти е дискретен, никогаш во прв план. Намерно или?
Ивана: Накитот е за да го надополни изгледот, да му даде софистицираност или да се персонализира изгледот. Умешно одбран накит е подеднакво важен колку и облеката. Лошо избран накит може да го наруши изглед. Со подеднакво внимание и со страст го избирам накитот. Некогаш дури и со повеќе внимание избирам накит од облека. Зошто? Зашто и најобична бела маица со соодветен накит може да ве напрви да изгледате “скапо”, односно да ја подкрене комбинацијата. Лошиот накит може да го наруши изгледот иако носите квалитетен фустан. Омилен ми е накитот од баба ми и некои парчиња накит од мајка ми, но секако најдобро ми стои ѓерданот со гравирано име на мојот син.
Од кого ја научи првата лекција за модата?
Ивана: Како и се останато во животот-од родителите. Кога модата е во прашање тоа сигурно од мајка ми, ама и татко ми не е лош критичар. И двајцата имаат изразено чувство за естетика, мајка ми и огромно знаење за уметностите, особено за дизајн, не само кога облеката во прашање туку и естетика на живеење, во сите сегменти - ентериерно уредување, релации и односи. Свесна сум и среќна сум што тоа за мене се нормални услови за живот, уште повеќе што сега тоа го ужива моето дете.