Елена Лука ја отвoра третата сезона на Скопски моден фестивал

„Вклучи се за среќа!“ е слоганот на годинешната манифестација во партнерство со Државна Лотарија, која од денес (28.09) до сабота (30.09) ќе се одржува во ноќниот клуб PURE. На листата учесници се познати домашни имиња, како и интернационални ѕвезди од регионот, кои заедно ќе ѝ се претстават на публиката во рамки на тридневната ревиска програма.

elena-luka-ja-otvara-tretata-sezona-na-skopski-moden-festival-02.jpg

Со коктел забава и музичко-сценски спектакл на модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА, како ексклузивен гостин за свеченото отварање, денес започнува третата сезона на Skopje Fashion Festival, настанот што од 28 до 30 септември ќе ја слави модата во метрополата, со ревиски претставувања на повеќе звучни дизајнерски имиња, атрактивен музички репертоар и многу изненадувања за бројните посетители.

ЕЛЕНА ЛУКА успеа да изгради животен стил, кој стана симбол на артистичната мода, на слободата на креативната мисла и на храброста да се излезе од рамките на комфорот. Ништо помалку не може да се очекува ни од естетиката што ќе доминира на Скопски моден фестивал, а е сублимат на брендот кој го донесе духот на светската мода кај нас, препознатлив по својот авангарден пристап и уникатниот израз со кој секогаш ги надминува очекувањата.

elena-luka-ja-otvara-tretata-sezona-na-skopski-moden-festival-01.jpg

На големата сцена премиерно ќе ја лансира деби колекцијата и новиот бренд СЕРБЕЗ,  креиран од тим кој инспириран од жените кои твореле и го менувале светот и сербезлукот на жената како слободно, силно и самостојно битие. Сербез е бренд каде едноставноста се среќава со смелоста. По подолга пауза, пред македонската јавност одново ќе се претстави и ИЛКА БРАДА од Косово, чии креации се карактеризираат со чисти линии, елегантни силуети и употреба на луксузни ткаенини и сложени украси. Колекциите ѝ се инспирирани од нејзината љубов кон природата, уметноста и нејзиното културно наследство.

Специјални музички гости на првата фестивалска вечер, која почнува од 19:00 часот во ноќниот клуб PURE се Андреј и Панчо, односно македонската група ДНК, a за добрата забава на посетителите ќе се погрижат и два диџеи: DJ Mario Trumpet, во паузите помеѓу ревиите, и DJ Ficho – веднаш по нивното завршување. Официјален партнер на третата сезона на Скопски моден фестивал е Државна Лотарија. Настанот е дел од програмската селекција на Бела Ноќ во организација на градот Скопје.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg