Од тркало до интернет – најважните изуми што засекогаш го променија човештвото
Телефон
Многу научници работеле на изум како телефонот, но патентот му припаднал на Александар Греам Бел.
Александар го добил патентот за првиот електричен телефон во март 1876 година.
Јасно е каков бум направил овој изум во комуникацијата.
Поради огромниот придонес во оваа област, кога Бел починал на 2 август 1922 година, во САД и Канада една минута биле исклучени сите телефонски линии во негова чест.
Сијалица
Во научниот свет постојат контроверзии за тоа дали Томас Едисон е заслужен за сијалица, но едно е сигурно – патентот му припаѓа нему.
Пред Едисон, многу научници работеле на сијалицата во периодот на 1800-тите, но наводно тој бил првиот што успеал да направи функционална светилка која не гори само неколку секунди.
А, веројатно не треба да објаснуваме зошто е важен овој изум.
Пеницилин
Во 1928 година, научникот Александар Флеминг забележал дека во еден од неговите садови во којшто имало мувла, сите бактерии се мртви. Подоцна утврдил дека мувлата била габата Penicillium.
Сфаќајќи го потенцијалот од ова откритие, следните 20-тина години научниците правеле секакви обиди за на крај да добијат пеницилин – лек кој може да се справи со многу бактериски инфекции без да им наштети на луѓето.
До 1944 година, пеницилинот веќе се произведувал масовно и се користел речиси насекаде.
Интернет
Глобалната мрежа што нè поврзува сите, денес е нешто без коешто не можеме да си го замислиме животот.
Приказната интернетот почнува во 1960-тите, кога тим компјутерски научници кои работеле за Одделот за одбрана на САД направиле мрежа за да ги поврзат нивните компјутери.
Оваа мрежа се викала ARPANET и може да се каже дека е прототип на модерниот интернет.
Во 1970-тите мрежата била унапредена од страна на двајца научници, – Роберт Кан и Винтон Церф – кои во неа ги вметнале клучните протоколи за интернет комуникација – Transmission Control Protocol (TCP) и Internet Protocol (IP).
Поради ова, тие неретко се сметаат за луѓето што го измислиле интернетот.
Благодарение на научник од ЦЕРН, интернетот напреднува уште повеќе.
Тим Бернерс Ли имал идеја да ги спои компјутерите и мрежите во еден глобален систем на информации, што го нарекол World Wide Web (WWW).
Со ова, пак, интернетот станува достапен за комерцијална употреба и засекогаш го менува нашиот свет.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:


