Научници претвораат алги во материјал со својства на челик
Кој би рекол дека алгите можат да бидат цврсти како челик? На Техничкиот универзитет во Минхен група научници - хемичари работат на процес со кој алгите ги претвораат во јаглеродни влакна.
Станува збор за развој на иновативни материјали употребливи во авијацијата и автомобилската индустрија, со што воедно се намалува и влијанието на човечкиот фактор врз климатските промени.
На овој универзитет во 2015 година е отворен единствениот Центар за култивација на алги, со цел да се истражува производството на биолошки горива - биокерозин и хемиски продукти од алги, од кои досега се познати 150.000 видови.
Проектот е предводен од професорот Томас Брук, кој вели дека алгите растат во солена вода без потреба од почва и пестициди, а истовремено даваат до 10 пати поголеми приноси.
Тој со својот тим открил дека не само што од алгите може да се произведува биогориво, туку дека од нив може да се создадат јаглеродни влакна кои се користат за производство на материјали со мала тежина, но голема издржливост.
Својствата на овие влакна произведени од алги се идентични на оние кои моментално се користат во индустријата.
Но, што ги прави покорисни од веќе постоечките?
Алгите имаат способност брзо да растат. Додека се одвива овој процес, тие во себе апсорбираат јаглерод диоксид, кој е познат како стакленички гас кој има најголемо влијание врз загревањето на планетата.
На тој начин, јаглерод диоксидот е заробен во нив и истиот може да се користи за производство на јаглеродни влакна. Кога од истите нема да има потреба, можат да бидат подземно складирани на безбеден начин.
За разлика од овој процес, кога јаглерод диоксид се употребува при производството на пластика, истиот е за кратко време ослободен во атмосферата, што дополнително придонесува кон глобалното затоплување.
Исто така, за нивно производство од алги е потребно помало количество енергија отколку за производство на бетон или челик.
Ова е уште еден пронајдок кој има потенцијал да ги поправи штетите од досегашното загадување на планетата и да понуди пат кон позелена индустрија.
А. Т. | Црнобело