Октоберфест во Скопје по 6-ти пат
Директорот на Претставништвото на Германското стопанство во Македонија, Михаел Шмит и заменик Амбасадорот на СР Германија во РМ, Валтер Лојхс на 27. септември го отворија шестиот Октоберфест во Скопје.
Дури 1000 гости уживаа вчеравечер под огромните шатори декорирани во боите на Октоберфест во дворот на овогодинешниот главен спонзор на Октоберфест Скопје, фирмата БМВ – Маккар, во вистинска опуштена Октоберфест атмосфера, со вкусни баварски кулинарски специјалитети, различни видови пива, во успешна комбинација на Октоберфест-музика и лајв-спектакл што го приреди македонскиот бенд „Деј Оф“.
За добриот сервис кон расположените гости се погрижи цел тим од прекрасни момчиња и девојки облечени во автентични баварски носии.
Настанот „ Октоберфест Скопје“ кој традиционално во Скопје го организираат Македонско-Германското стопанско здружение и Претставништвото на Германското стопанство во Македонија им пружи несекојдневна можност на преку 200 компании и на нивните вработени, клиенти и деловни партнери, но и на голем број значајни личности од политичкиот и економскиот живот и дипломатскиот кор во Македонија, да уживаат во автентична Октоберфест-забава.
„Организацијата на Октоберфест во Скопје е наша традиција која сакаме и понатаму да ја негуваме. Членовите на нашето здружение кое брои преку 170 компании и со тоа претставува најголемо билатерално здружение во државата, со нетрпение го чекаат овој настан цела година. Октоберфестот во Скопје е со надолга традиција и најголема посетеност од целиот западен Балкан. По примерот на Скопје, и нашите канцеларии на Германското стопанство во Белград и Тирана од неодамна почнаа да организираат Октоберфест за своите членови. Мислам дека успеавме и оваа година за бизнис секторот во Македонија да пренесеме дел од баварската традиција“ изјави Михаел Шмит.
И во септември 2013 ќе се видиме на Октоберфест Скопје и повторно ќе речеме: На здравје и за добро расположение!