Бев на интимен концерт на Северина во Сараево - никогаш не сум ја видела посреќна и потопла на сцена (видео)
- Детали
- вторник, 15 април 2025
„Што сакате да ви пеам? Ајде кажете. Немам репертоар, денеска сум тука за вас, што сакате вие, тоа ќе пееме“, рече Северина на гала-забавата на која пееше за околу 300 луѓе, а се одржа во една од најубавите градби во Сараево.
Кога на пријателите, па и на луѓето кои првпат ги запознавам, им велам дека ја имам најубавата работа на светот, не сум сигурна дали ми веруваат.
А токму работата, многупати ме однела на места кои не сум можела ни да ги замислам.
Па, така, минатата недела имав среќа, токму преку работата, да се спојат две од моите три омилени работи во животот - патување + музика.
Во четвртокот и петокот, првпат во животот го посетив Сараево, а причината за тоа беше забавата на Max Factor, на која ѕвезда на вечерта беше - Северина.
Хрватската пејачка, која е заштитно лице на брендот, во четвртокот вечерта (10.04) одржа интимен, приватен концерт за околу 300 луѓе во една од најубавите градби во Сараево - Градското собрание.
Иако сите се надевавме дека токму таа ќе пее, организаторите на настанот велеа дека Северина ќе дојде на забавата, но само како гостин.
Токму затоа ни јас, но ни присутните, не можевме да го скриеме воодушевувањето кога Северина излезе на бината, на само половина метар од нас.
„Моето име е Северина - да се претставам за сите оние млади инфлуенсери кои можеби не ме знаат.
Голем поздрав до сите гости од Македонија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и од земјите во регионот, и фала ви што дојдовте вечерва да се дружиме“, кажа Севе на почетокот.
Се „пожали“ дека ѝ дале само 30 минути за настап, но и дека чевлите не ѝ се баш удобни, но ништо од тоа не ја спречи да направи топ журка.
Почна со една-две балади, а потоа ја разгоре атмосферата.
„Што сакате да ви пеам? Ајде кажете. Немам репертоар, денеска сум тука за вас, што сакате вие, тоа ќе пееме“, рече таа.