Бев на стендапот на Тино и Атанас со Стефан – смеење до солзи во сала полна до последно столче

Синоќа бев на стенд-ап на Тино и Атанас со нивниот специјален гостин Стефан Николовски и потврдувам - единствени се, оригинални, секој „откачен“ на свој начин и со посебна енергија и хумор ја засмејуваа на цел глас публиката во спортската сала која беше преполна до последно столче, а познатите во публика не беа имуни на шеги на нивна сметка. 

bev-na-stend-apot-na-tino-i-atanas-so-stefan-smeenje-do-solzi-vo-polna-sala-do-posledno-stolche-01.jpg

Кај нас, луѓето некако како да се поделени на оние кои не го разбираат хуморот на Тино и Атанас, и оние кои се смеат до солзи. Јас сум од вторите.

Уште кога се појавија првпат на сцената на „Златна бубамара“ решив дека ќе им дадам шанса, па ги следам на настани, на театарски претстави, на поткасти, а сега и првпат на стенд-ап.

Па, кога излегоа картите за првиот стенд-ап во СЦ „Јане Сандански“, додека да се договориме колку сме, кој сака, кој ќе дојде со нас - карти веќе немаше.

bev-na-stend-apot-na-tino-i-atanas-so-stefan-smeenje-do-solzi-vo-polna-sala-do-posledno-stolche-02.JPEG

Со нетрпение очекувавме да пуштат уште еден датум за „(Нат)просечен Македонец" и кога ги објавија картите за втората вечер, уште веднаш купивме, веќе спремни и договорени.

Ова е првиот стенд-ап во Македонија кој се одржува во спортска сала, и морам да признаам – секоја чест.

Паркингот околу салата беше преполн и ни требаа 20 минути да најдеме место, а секако, почетокот беше малку задоцнет, бидејќи нели, кај нас никогаш не може сите да се навреме...

Салата внатре беше преградена, односно не се користеше целиот капацитет на трибините, бидејќи стенд-апот нема поента ако го гледаш од толку далеку, но сите планирани места беа пополнети.

Партерот беше преполн со наредени столчиња од кои не се поместивме 3 часа, а пред бината имаше наместено неколку маси со столчиња, од каде шоуто го следеа собрани друштва, меѓу кои и повеќе звучни имиња како Катарина Ивановска, Тамара Тодевска, Миа Костова...

bev-na-stend-apot-na-tino-i-atanas-so-stefan-smeenje-do-solzi-vo-polna-sala-do-posledno-stolche-03.JPEG

И очекувано, не беа поштедени од неколку шеги на нивна сметка, на кои и самите се смееја од срце.

Вечерта ја отвори велешанецот Стефан Николовски, кој беше специјален гостин и одлично се снајде пред публиката од 2-3.000, и покрај тоа што низ шега призна дека имал трема.

bev-na-stend-apot-na-tino-i-atanas-so-stefan-smeenje-do-solzi-vo-polna-sala-do-posledno-stolche-03.jpg

На Инстаграм тој стана популарен по имитациите на македонските политичари и познати личности, па и синоќа низ неколку скечеви имавме можност да слушнеме како го „скина“ Никола Ристановски, Стојанче Ангелов и многу други...

Од шеги за „македонштината“, но и за љубовните врски и (не)разбирањето на жените, публиката се смееше во еден глас, препознавајќи се во неговите примери.

Коментарите за него по завршувањето на настанот, беа само позитивни - сите изненадени од неговиот хумор и колку добро се покажа во живо. 

А по него, публиката веќе добро загреана, со стоечки овации ги дочека Тино и Атанас кои излегоа на сцена со трап песна, па уште непочнати се пошегуваа на сметка на оние со најскапи карти, кои аплаудираа седејќи на масите пред бина.

bev-na-stend-apot-na-tino-i-atanas-so-stefan-smeenje-do-solzi-vo-polna-sala-do-posledno-stolche-04.jpg

Природни и опуштени, правеа шеги во нивен стил, но и секој посебно имаше свој перформанс и речиси 1 час и 45 минути нè забавуваа додека сите се смеевме до солзи на цел глас и од срце.

А, токму тоа е и нивната цел, како што самиот Тино во еден момент при крајот кажа, дека израснал во човек кој сака да ги направи луѓето среќни и да види насмевка на нивните лица – и успеа во тоа.

На тапет беше некултурата на народот кој лета со нискобуџетни летови „до горе“ (односно на запад, во Германија), опуштеноста и лезетењето на Македонците раскажана низ патриотски скечеви, но и разликите во воспитувањето на децата некогаш и денес.

И секако дека не се очекува баш секоја шега секому да биде смешна или да се согласи со истата, но, генерално, без влакна на јазик, тие преку нивниот хумор ја доловија суровата вистина и реалност која ја живееме, а не ги пропуштија ниту 18+ смешките, па шегувајќи се, ги „избркаа“ сите малолетни лица.

Нивниот печат се македонските поговорки, за кои ад хок смислуваат цел скеч и наоѓаат начин како да ги вметнат како заклучок и соодветно да ги применат, а докажаа дека се одлични во тоа (мора да се уверите во живо). 

bev-na-stend-apot-na-tino-i-atanas-so-stefan-smeenje-do-solzi-vo-polna-sala-do-posledno-stolche-06.jpg

И можеби некој не може да го разбере нивниот хумор, но вистината е дека се уникатни и единствени, дуо кое има посебен дух и енергија, меѓусебна хемија и изгледа како да не им е потребно никакво спремање за да излезат и да направат „пуздер“ на секоја тема, додека сите околу нив се смеат, па дури и самите си се смеат кога ќе изустат нешто непланирано, бидејќи е посилно од нив и им доаѓа природно.

Можам да пишувам уште многу, но нема да откривам многу од нивните смешки и ќе оставам простор да ги доживеете во живо (имате уште една шанса, на 8 ноември).

Бидејќи, колку и да ги раскажуваш, никогаш нема да бидат толку смешни како кога самите тие ги прават.

И дефинитивно ни се потребни повеќе вакви настани, со кои накратко ќе избегаме од секојдневните проблеми, грижи и обврски и ќе се препуштиме на безгрижно смеење (па дури и ако е на наша сметка).

Момци, секоја чест! 

bev-na-stend-apot-na-tino-i-atanas-so-stefan-smeenje-do-solzi-vo-polna-sala-do-posledno-stolche-08.JPEG

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело

Фото: М. М. / Д. П. / Инстаграм Стори

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg