Почнува со реализација проектот „Летај галебе“ - Младите за Маестро Кире Костов со Камерниот оркестар од Битола - на битолската сцена на 7 јуни
- Детали
- среда, 05 јуни 2024
Настанот ќе биде одлична можност за промоција на македонското музичко наследство, низ модел адаптиран за сите генерациски структури, со цел зачувување и негување на автентичниот македонски мелос, низ интерпретација на младите изведувачи од земјава.
Во чест на богатото музичкото творештво на Маестро Кире Костов, на 7 јуни годинава ќе се одржи концертен настан во неговата родна Битола, во чии рамки 11 млади интерпретатори со битолскиот Камерен оркестар, ќе ги вратат на сцена безвременските хитови на легендарниот македонски композитор, инструменталист и диригент.
Музичкиот настан кој ќе се одржи во НУ „Центар за култура“ Битола со почеток во 20:00 часот, е увертира на проектот од национален интерес „Летај Галебе“. На битолската сцена, неделава, заедно со Камерниот оркестар од Битола, под диригентската палка на Владимир Димовски, ќе настапат: Мина Блажев, Барбара Поповиќ, Антониа Гиговска, Сефедин Бајрамов, Кики Мукаетова, Бојан Стојков, Димитар Андоновски, Драгана Јовановска, Раде Врчаковски Врчак, Андреа Томовска и Владимир Костов, додека во улога на модератор на настанот, е актерот Петар Горко. Автентичниот вовед, пак, му е доверен на животниот другар и музички партнер на Кире во креирањето на најголемите македонски хитови, евергрини песништа... Проф. д-р Миодраг Врчаковски.
Во рамки на проектната платформа „Летај галебе“, во времетраење од јуни 2024 – април 2025, кон крајот на годинава е предвидена и пригодна промоција на книга – Омаж на ликот и делото на легендарниот композитор, а веќе следната година и гала-концерт на најеминентните изведувачи во земјава, со Моцартов состав, во Националната опера и балет.
Проектот „Летај галебе“ има за цел афирмација, но и заживување на некогашните богати музички вредности, чии високи стандарди се честа тема на дебата на актуелната културна сцена и кон чие достигнување се стремат и денешните музичари, уметници и творци во рамки на модерната и класичната музичка дејност.
Проектот претставува поттик на долг рок, да се врати балансот помеѓу современите и традиционалните музички вредности. Да им се даде мотив на искусните творци да ја продолжат мисијата на маестро Костов, но и да им се даде насока на младите музички работници, во која насока треба да се развива македонската музичка творба.
Иницијатор на проектната платформа „Летај Галебе“, е сопругата на Маестро Костов, г-ѓа Кармен Костова. „Летај галебе“ е обединување на македонската музичка сцена, преку вклучување еминентни индивидуални и институционални учесници, чиј досег ги надминува границите на моножанровски опфат и овозможува едно комплетно сценско доживување.