Промоција на „Книжевни крстопати“ од Звонко Танески во Градската библиотека во Скопје

В понеделник (27 ноември) во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе биде промовирана студијата „Книжевни крстопати“ од Звонко Танески. За книгата ќе говорат Ана Стојаноска и Лидија Танушевска.

promocija-na-knizhevni-krstopati-od-zvonko-taneski-vo-gradskata-biblioteka-vo-skopje-01.png

„Книжевни крстопати (сведоштва од меѓукултурниот дијалог)“, во издание на Полица, суштински се занимава со дводомните автори на кои им припаѓа и самиот Танески, а кој повеќе од петнаесет години е активен дејствувач во две државни култури – македонската и словачката.

-Книгата започнува со за приемот на јужнословенските книжевности во Словачка по 1989 година, од корпусот на т.н. „дислокациски автори“ чие книжевно творештво е еднакво добро „одомаќинето“ минимално во „два дома“ (независно дали ќе го согледаме феноменот низ призмата на нивните животни преселби или низ призмата на книжевниот превод што дополнително и уште посилно им го зацврстува присуството во сè поголемиот број различни јазични средини), а потоа се сосредоточувам исклучиво на македонската книжевност и прикажувам објективна и исцрпувачка рефлексија на неколкумина македонски книжевни великани во словачкиот културен простор – ќе подвлече авторот во предговорот.

Звонко Танески е моментално единствениот докажан академски стручњак во полето на словачко-македонските книжевни релации и во Македонија и во Словачка, а ангажиран е и како преведувач на познати словачки автори на македонски јазик, но и на автори и дела од македонската литература на словачки јазик.

-Објавувањето на неговото дело „Книжевни крстопати“ на македонски јазик е несомнено значајно и добредојдено во нашиот културен контекст, најпосле, и како своевиден поттик за уште поагилно вложување на авторот во доменот на презентацијата и афирмацијата на македонската литература и култура во странство – потенцира универзитетската професорка Лидија Танушевска.

Танески е роден 1980 година во Кичево. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (2002). Остварил студиски престој на Универзитетот во Перуџа, Италија (2003). Докторирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава, подоцна уште докторирал и на Катедрата за превод и толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра. На братиславската катедра ги предавал периодично предметите „Преглед од историјата на јужнословенските литератури“ и „Современа словачка поезија“ (2005-2007). Работел и како прв лектор по македонски јазик и литература на Катедрата за словенски филологии при Универзитетот Коменски во Братислава, Словачка (2004-2007 и повторно од 2015 до денес).

Член е на повеќе книжевни, научни, и преведувачки асоцијации и здрженија, како и на уредувачките одбори на повеќе меѓународни списанија. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија, како за неговиот поетски, научен, така и за неговиот преведувачки опус, меѓу кои и наградата од министерот за надворешни работи и европски прашања на Р. Словачка за исклучителни заслуги за развојот на пријателските односи со Р. Словачка од областа на науката, културата и уметноста во 2018 година и др. Тој е и организатор и делегат на шеесетина литературни конференции и фестивали низ целиот свет, а, исто така, и раководител и соработник на неколку меѓународни научно-истражувачки проекти.

Промоцијата на книгата „Книжевни крстопати“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg